Влатко Стојановски ќе добие повик во А-тимот за мечевите со Израел и со Летонија

Напаѓачот на францускиот прволигаш Ним, Влатко Стојановски, ќе добие дебитантски повик во А-репрезентацијата на Македонија за претстојните квалификациски натпревари против Израел и против Летонија на почетокот на септември. Тој изминатиот викенд дебитираше за Ним во француското првенство и треба да донесе нов квалитет во навалната линија на националниот тим, во друшво на Горан Пандев, Илија Несторовски, Александар Трајковски и на младиот Дарко Чурлинов, кој исто така дебитираше во Бундес-лигата за Келн.

Во нападот ќе се врати и искусниот Иван Тричковски, кој игра во одлична форма за АЕК Ларнака и ја надмина повредата поради која не беше на списокот на селекторот Игор Ангеловски за претходната репрезентативна акција.

Во средниот ред се очекува да се врати Стефан Спировски, кој зад себе го остави рехабилитацискиот период по операцијата на коленото, а единствено ќе недостига Стефан Ристовски, членот на Спортинг Лисабон, кој нема да се опорави навреме до почетокот на септември. На списокот секако ќе бидат Елиф Елмас, Енис Барди, Аријан Адеми, Бобан Николов, Марјан Радески…

Во одбраната не се очекуваат поголеми промени, ниту пак на голманските позиции. Репрезентацијата првиот собир ќе го има на 2.септември, а ден подоцна ќе замине за Израел.

 

Се вчитува...