Влатко Стојановски: Почестен сум што сум дел од А тимот, ова е остварување на мојот сон

Ангажманот во една од најсилните европски лиги, трансферот во француски Ним за Влатко Стојановски значеше веднаш и повик во најдобрата македонска репрезентација. Стојановски го очекува своето деби во националниот тим на септемврискиот собир против Израел и Летонија верувајќи дека, доколку му се укаже шанса, ќе даде максимум да ја оправда довербата на селекторот Игор Ангеловски.

„Искрено почестен сум што сум дел од најдобрата македонска репрезентација. Ова беше еден мој сон, кој сега е јаве. Иако сум првпат одличен сум прифатен од репрезентативните соиграчи. Со добар дел од нив секако и добро се познавам, бидејќи и сме настапувале заедно. Не се оптоварувам дали и колкава минутажа ќе добијам на престојните два натпревари, секако за тоа одлучува селектор, но доколку добијам шанса ќе се потрудам максимално да ја оправдам и да помогнам за позитивен резултат на националниот тим“ – вели Стојановски пред заминувањето за Израел.

Офанзивецот не крие дека е задоволен и од реализацијата на трансферот во Ним кој треба да биде голем плус во неговата кариера…

„Среќен сум што мојата фудбалска кариера оди во нагорна линија. Потврда за тоа е секако и трансферот во француски Ним каде очекувам дополнително фудбалски да се развивам. Ним е навистина одлична фудбалска средина, француската лига е меѓу најдобрите во светот и сето тоа многу значи за мојот фудбалски развој“ – вели Стојановски.

Се вчитува...