Во Фленсбург внимателни: Вардар се уште е опасен тим

Вардар се враќа во натпреварувачки ритам во Лигата на Шампионите со утрешната пресметка против Фленсбург, ривал што има максимални три победи во првите три кола од елитното европско натпреварување. Претходните две средби на Вардар, против Елверум и Пик Сегед, беа одложени, па останува да се види како тимот на Стевче Алушовски ќе реагира по подолгиот период надвор од натпреварувачки ритам.

Германците ќе допатуваат во Скопје со улога на фаворити, но од таборот на Фленсбург најавуваат дека претпазливо ќе влезат во мечот.

„Многу работи се случија во Вардар во изминатиот период, но тоа не го менува фактот дека во овој клуб се уште играат играчи со врвен квалитет. Не може само да дојдете во Скопје и да ги освоите бодовите без борба, ние сме свесни за тоа“, изјави капитенот на Фленсбург, Ласе Сван.

Сличен е ставот и на норвешкиот „бомбардер“, Магнус Ред, кој ќе претставува сериозна опасност по голот на „вардарци“.

„Вардар се уште има силен тим кога ќе излезе на терен, нема да ни биде лесно“, кратко прокоментира Ред пред патувањето во Скопје.

Натпреварот меѓу Вардар и Фленсбург се игра утре со почеток во 20.45 часот.

Се вчитува...