Во Каталонија нема повеќе тајни: Лапорта јавно откри дали Барселона ќе го купува Халанд

Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, конечно стави точка на шпекулациите за евентуаниот ангажман на Ерлинг Халанд, изјавувајќи дека финансиската состојба во која се наоѓа клубот не му дозволува да се вклучи во трката за потписот со напаѓачот на Борусија Дортмунд.

Тој смета дека во моменти кога клубот има долгови од околу 1.5 милијарда евра, не е многу паметно да се впушти во трката по потписот со Халанд кој би го чинел клубот околу 300 милиони евра, вклучувајќи го обештетувањето, провизиите за агентот Мино Раиола и таткото Алф-Инге Халанд како и платата за петгодишниот договор на Ерлинг.

„Нема да реализираме ниту еден трансфер кој би можел да го донесе клубот во опасност. Тоа е нашата филозофија. Можете да зборувате за играчите, за големи финансиски зделки, но треба да знаете една работа, Барселона нема да ја загуби главата на трансфер пазарот“, им изјави Лапорта на новинарите.

Претседателот на Барселона потврди дека во летниот преоден рок на „Камп Ноу“ ќе пристигнат четири засилувања.

„ Ќе реализираме најмалку четири трансфери за да ги засилиме нападот, средината и одбраната. Френк Кеси веќе потпиша, а со Андреас Кристенсен имаме усен договор“, додаде Лапорта.

Се вчитува...