Во Катар ќе нема фудбалер од македонското првенство, но само еден бил на Мундијал и играл во ПМФЛ

И додека поголемиот број на првенства ќе мируваат следните денови нешто повеќе од еден месец, поради настапите на играчите на Мундијалот во Катар, македонската Прва лига ќе си продолжи по стандарден распоред. Откако Македонија е самостојна, ниту еднаш ниту еден фудбалер не играл во ПФМЛ и на Мундијал паралелно, но има еден играч кој што имаше настап на Светско првенство, а потоа дојде да игра во Македонија.

Беше тоа во „златните денови“ на Вардар кога го потпиша екс репрезентативецот на БИХ, Сенијад Ибричиќ. Ибричиќ беше дел од селекцијата на Босна и Херцеговина на Светското првенство во Бразил, но немаше ниту еден настап. БИХ беше во група со Аргентина, Нигерија и Иран, и оствари само еден триумф против Иран, и два порази, по што ги заврши натпреварите во групата.

Ибричиќ во тој момент беше дел од турски Ерчијеспор, а само шест месеци подоцна од Мундијалот, во јануари 2015 година потпиша за Вардар шестмесечна позајмица од турскиот клуб. Одисејата траеше кратко, само една полусезона, по што Босанецот си замина од таборот на „црвено-црните“ и продолжи во Каршијака, па потоа во Сепахан, Копер и Домжале.

За БИХ одигра 44 натпревари и постигна четири голови, а токму после Мундијалот во Бразил објави дека ја завршува репрезентативната кариера.

За Вардар одигра 13 меча и постигна пет голови, беше еден од заслужните таа сезона за титулата. И покрај тогашната желба на Вардар да го задржи, сепак, на крајот Ибричиќ се реши да си замине и да се врати во Турција. Во моментов ја извршува улогата на спортски директор на Домжале, каде што ја заврши кариерата.

Се вчитува...