Министерот за спорт Борко Ристовски, денеска заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, присуствуваше на поставување камен темелник на два значајни инфраструктурни проекти кои ќе придонесат за сериозен развој на спортот во Кавадарци и тиквешкиот регион.
Првата инвестиција опфаќа изградба на нов современ спортски објект во рамките на Спортскиот центар „Јасмин“, проект вреден 118 милиони денари кој ќе овозможи изградба на нова куглана, сала за гимнастика како и сместувачки капацитети за спортисти.
Паралелно со тоа започнува реализација и на вториот проект — изградба на нов картинг центар во месноста Моклиште, инвестиција вредна 35.247.407 денари, со што градот добива целосно нов спортско-рекреативен комплекс наменет за развој на мотоспортот, рекреативни активности и организација на спортски настани.
Станува збор за вкупна инвестиција од над 153 милиони денари која претставува дел од поширокиот циклус на капитални вложувања на Владата во спортската инфраструктура низ државата.

Министерот Ристовски истакна дека спортот повеќе не смее да биде оставен без системска поддршка и дека квалитетната инфраструктура е основен предуслов за развој на нови генерации успешни македонски спортисти.
„Нема силен спорт без силна инфраструктура. Денеска инвестираме во објекти, но суштински инвестираме во младите луѓе, во нивната иднина и во новите генерации македонски шампиони“ – порача Ристовски.
Министерството за спорт и Владата продолжуваат со реализација на нов инвестициски циклус чија цел е рамномерен развој на спортот во сите делови од државата и создавање современи услови за тренинг, натпреварување и развој на спортските клубови и спортистите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
