Во Лидс се оптимисти: Алиоски ќе остане!

Езгијан Алиоски се подготвува за вториот меч на Македонија на ЕВРО 2020, што ќе се игра утре против селекцијата на Украина, но паралелно со тоа неговиот агент ги продолжува преговорите со Лидс Јунајтед за македонскиот интернационалец да остане на „Иланд Роуд“.

Актуелниот договор на Алиоски со Лидс истекува на крајот од месецов, се шпекулираше дека тој веќе има постигнато договор за преселба во Галатасарај, но се чини дека тој трансфер во меѓувреме се искомпликува. Сега повторно на сцена е раководството на Лидс, кое испратило нова понуда до Македонецот, со сума што според нив треба да биде доволна за Алиоски да потпише нов договор.

„Спортскиот директор на Лидс, Виктор Орта, останува во контакт со агентот на Алиоски. Кај него постои оптимизам дека ќе биде постигнат договор во последен час и дека Алиоски ќе продолжи да го носи дресот на Лидс. Ставот на Марсело Биелса е јасен, аргентинскиот стручњак има високо мислење за левиот бек, кој одигра 36 средби за него минатата сезона и треба да остане на Иланд Роуд“, пишува весникот „Мирор“.

Се вчитува...