Во Шафхаузен е „џек-потот“ за билет за ЕП

Ракометната репрезентација на Македонија вечерва во 18.30 часот во Шафхаузен ќе и гостува на Швајцарија во рамките од второто коло од квалификациите за ЕП 2022. Рутинската победа над Финска значеше дека нашите клучни ракометари сочуваа и дел од силите за денешниот дуел, кој може да биде од исклучително значење доколку Македонија успее да стигне до посакуваниот триумф. Имено, победа во Швајцарија би значела и огромен чекор напред кон осигурување на второто место, кое носи учество на претстојниот европски шампионат.

„За нас ова е како прва меч-топка во квалификациите. Завршивме добра работа против Финска бидејќи и триумфиравме и успеавме да одмориме дел од играчите, па сега максимално подготвени ќе влеземе во дуелот со Швајцарците. Знаеме дека не се наивен противник, но доколку одиграме на нашето посакувано ниво можеме да стигнеме до позитивен резултат“, изјави селекторот Данило Брестовац.

„Црвено-жолтите“ се соочија со нов проблем откако во последен момент отпадна Дејан Манасков, па се очекува неговото место во тимот да го заземе Маџовски, кој одигра добар меч против Финска. Клучна сепак ќе биде одбраната, а акцентот ќе биде ставен на неутрализирање на Анди Шмид, асот на Рајн-Некар Левен кој стигна десет погодоци на премиерниот дуел против Данска.

Традицијата е целосно на страната на македонскиот национален тим, ако се знае дека нашите ракометари славеле на четирите досегашни меѓусебни дуели, и тоа секогаш со убедлива разлика (17-26 и 22-27 во Швајцарија, 27-20 и 30-24 во Скопје).

Се вчитува...