Во Силекс сериозни промени во стројот: Осум заминаа, шест нови фудбалери на списокот

Со повеќе од сериозни промени во играчкиот кадар кратовски Силекс ќе го дочека стартот на пролетниот дел од сезоната. Кратовци досега се разделија со дури осум фудбалери кои беа дел од тимот во првата половина од првенството, а на нивно место досега се ангажирани шест нови фудбалери.

Последни кои го напуштија кратовскиот прволигаш се крилниот офанзивец Александар Пановски, како и Филип Ристоски кој денеска потпиша за Шкупи, а претходно си заминаа и Димитар Иванов, голманот Спасоје Стефановиќ, па Дарио Десниќ, Дејан Велески, Петар Љамчевски и Благојче Иванов.

Најзвучно ново име е голманот Андреја Ефремов кој пристигна од Локомотив Софија, а претходно во својата кариера има настапи и за Металург, Работнички и Ренова. Ангажиран е уште еден чувар на мрежата, Стефан Истатов, а нови фудбалери се и Адријан Чаволи, Петар Икиќ, Денис Ристов и Виктор Серафимовски.

По првата фаза од подготовките, Силекс како по обичај главниот дел ќе го одработи во Охрид каде ќе бидат одиграни и неколку пријателски натпревари.

Се вчитува...