Во Злин е „жешко“ и тешко, но Македонија знае како се стигнува до билет за СП

ЕКИПА во Злин,

Стеван Цаневски

Македонската ракометна репрезентација вечерва (20.15 часот) во Злин го игра првиот дуел од двомечот со Чешка, во баражот за пласман на СП 2023. Целта е јасна, да се обезбеди што подобар резултат пред реваншот во Скопје, но задачата не е нималку лесна со оглед на традицијата на гостувањата во Чешка во изминатите години.

Имено, Македонија никогаш нема славено во Чешка, а на петте одиграни средби има четири порази и едно реми. Тоа реми беше забележано токму во Злин, во квалификациите за ЕП 2016, кога по катастрофалното прво полувреме во кое губевме со седум гола (18-11), на крајот сепак успеавме да стигнеме до реми од 27-27. Во јуни 2016 година повторно игравме во овој чешки град, со Лино Червар на клупата и загубивме со 28-22.

Чесите се горди на оваа победа, но и се сеќаваат на поразот од „минус седум“ во Скопје поради кој останаа без пласман на СП, по што најавуваат дека денеска ќе се обидат да стигнат до што поубедлива разлика во пресрет на гостувањето во „скопскиот вулкан“.

„Македонија се најде во тешка група на последното ЕП, не се пласираше во следната фаза, но тоа не го менува фактот дека станува збор за квалитетен состав со искусни играчи кои настапуваат во ЛШ, во француското првенство и во Бундес-лигата. Пред нас се две тешки средби и знаеме дека ќе биде тесно на резултатски план. Ние сме максимално мотивирани и ќе сториме се за да се пласираме на СП“, изјави новиот чешки селектор Хавиер Сабате.

Чешките математики се едно, но македонската репрезентација дефинитивно има квалитет за да го запре налетот на овој противник. Она на што селекторот Лазаров апелира е дисциплина во играта и фокусираност од првата до последната минута. Нашите ракометари знаат што ги чека, повеќето од нив имаат играно во малата и бучна сала во Злин, а многу важно ќе биде да се издржи почетниот притисок на домаќините.

„Мислам дека поголем дел од овие 16 ракометари кои ќе играат денеска го имаат почувствувано теренот во Злин, знаат дека не е едноставно, дека првиот налет на Чесите е силен и тежок да се издржи. Ќе бидеме фокусирани и подготвени да одговориме на тоа. Знаеме дека Чесите се оптимисти, дека веруваат дека можат да дојдат до СП, но ние веќе ги имаме елиминирано. Мислам дека сме подготвени, дека сме сконцентрирани… ме радува формата на нашите репрезентативци во пресрет на овој бараж. Имаме прецизно доделени задачи на ракометарите и верувам дека ќе се исполнат и дека ќе одиграме добар натпревар“, оптимист е македонскиот кормилар.

Се вчитува...