Водно Санс во финале за аналите со 211 поени до кадетската титула (ФОТО)

Младите кошаркари на Водно Санс се кадетски шампиони на Македонија откако триумфираа со 114-97 (59-48) во финалето на Ф4 турнирот од кадетското првенство против Вардар.

Со тоа, нема тројна круна во младинските лиги за „вардарци“. Кадетската селекција на Водно санс се погрижи да нема комплетна доминација на „црвено-црните“ во младинскиот сегмент од македонската кошарка.

Селекцијата на Водно Санс за кошаркари до 16 години одигра фантастично финале против својот голем ривал, и на крајот, и повеќе од заслужено, стигна до златните медали. Неверојатен ефикасен меч одиграа двата тима за оваа возраст, со вкупно 211 постигнати поени.

Во воведниот дел од натпреварот Вардар беше подобрата екипа, која и имаше почетно водство (17-9), но во продолжението на финалето, Водно Санс покажа зошто е финалист. До крајот на првиот период од играта стигнаа и до водство (29-28). Понесени од своите многубројни навивачи во СРЦ „Кале“ ја преземаа доминацијата во играта во втората четвртина. Онаа во која одиграа уште поефикасно во нападот. Реализираа дури 31 поен, што беше, и тоа како видливо и низ резултатот. На полувремето Водно Санс замина со двоцифрена позитива (59-48).

Големо „влијание“ за тоа имаше ефектот на Сребров, кој во тие 20 минути реализираше 22 поени, следен од Миленковиќ кој реализира 13 поени, и Димоски кој броеше до десет. На другата страна од теренот, Ѓорѓевиќ комплетираше 14 поени, Данев имаше уште 11 поени, и осум скока.

Со мини-серија од шест поени, „вардарци“ фатија резултатски приклучок на почетокот на второто полувреме, намалија на (54-59). Но Водно Санс возврати многу брзо. Со двете тројки, прво на Димоски, потоа и на Сребров, ја врати двоцифрената предност (70-60).

Кошаркарите на Водно санс продолжија со уште поголема мотивација, и во тој за нив најдобро одигран дел од финалето, стигнаа до големи (93-77) по три одиграни четвртини.

Во онаа последната не се сменија работите, барем не онака како што посакуваа младите кошаркари и стручниот тим на Вардар. Противникот знаеше не само како да ја сочува, туку и да ја зголеми таа висока предност, и на крајот да дојде до првото место во кадетска конкуренција.

М16 ЛИГА-МАЖИ – ФИНАЛЕН ТУРНИР

РЕЗУЛТАТИ

ПОЛУФИНАЛЕ

Вардар – МКК Куманово           97-42

Работнички – Водно Санс          67-93

ЗА ТРЕТО МЕСТО

МКК Куманово – Работнички  54-53

ФИНАЛЕ

Вардар – Водно Санс                97-114

Се вчитува...