Војдан: Добро е што ќе играме со квалитетни противници во квалификациите за ЛОИ

Чешка, Израел и домаќинот на групата – Естонија се противниците на Македонија во рамки на олимписките претквалификации кои оваа година ќе се одиграат во периодот од 12-20 август.

Капитенот на „црвено-жолтите“ Војдан Стојановски смета дека групата „А“ е конкурентна, дури и ја оценува како добра.

„Сметам дека групата која ја добивме е добра. Кога велам добра, мослам од причина што носи реален квалитет, и можност да бидиме каде сме, односно каде ќе бидеме во тој момент. Ќе биде одлична можност за проверка на нашите квалитети во еден повисок квалитативен ранг од оној што го го игравме во изминатите претквалификации за Евробаскетот. Пред нас се три доста квалитетни селекции. Естонија е домаќин на турнирот, а тоа значи дека штом испратиле пријава за организација, имаат високи амбиции. Израел и Чешка се постојани учесници на Евробаскетот. Чесите беа и домаќини на една од групите на претходниот собир на најдобрите европски селекции. Дали и колку ќе бидеме конкуренти, тоа зависи во каков состав ќе бидеме во Талин. Се надевам дека за разлика од последниот циклус од претквалификациите, ќе бидеме комплетни. Дека ќе можеме да сметаме и на некои играчи кои ги немавме на минатите натпревари, како Љубомир Младеновски. Се надевам дека ќе го имаме и Ненад Димитријевиќ, дека со нас ќе биде и Андреј Јакимовски. И најважно од се, е да нè послужи здравјето во периодот кој што следува“, вели Стојановски.

Се вчитува...