Војдан е главното оружје на МЗТ: Да дадеме се од себе за триумф над Сутјеска

МЗТ Скопје денеска во 18 часот го почнува настапот на завршниот турнир од АБА2 лигата што се одржува во СЦ „Јане Сандански“, турнир на кој „металците“ влегуваат како први носители и фаворити за освојување на билетот кој значи влез во елитната регионална кошаркарска елита.

Нема дилема дека главно оружје на аеродромци на овој турнир ќе биде Војдан Стојановски, капитенот на македонската репрезентација кој потпиша за МЗТ на средина од сезоната. Враќањето по тешка повреда на коленото секогаш е компликувано, но Војдан експресно се наметна како лидер на оваа екипа, преземајќи ја одговорноста кога е најважно и предводејќи го тимот во серија значајни победи.

Тој максимално подготвен го дочекува овој завршен турнир, но гласно порачува дека не смее да се размислува предвреме за финалето, туку фокусот мора да биде само на еден меч, за почеток на четвртфиналниот дуел со Сутјеска.

„Одиме од натпреварот во натпревар и не размислуваме за ништо друго освен за Сутјеска. Можеби на хартија сме фаворити, но Сутјеска е добар тим што игра цврста кошарка и мораме да одиграме на највисоко ниво ако сакаме да победиме. Како ќе биде понатаму и со кого би се сретнале ќе видиме по останатите натпревари, но она што е најважно е ние да дадеме се од себе, да имаме добра енергија на терен. Доколку бидеме на висина на задачата, сигурно ќе се пласираме во полуфиналето“, истакна Војдан Стојановски.

Се вчитува...