Војдан останува во Гравелин: Довербата на тренерот многу ми значеше

Капитенот на македонската репрезентација, Војдан Стојановски, и во следната сезона ќе го носи дресот на Гравелин, откако постигна договор за продолжување на соработката со овој француски прволигаш. Стојановски пристигна во Гравелин кон средината на месец јануари, по успешниот старт на француската авантура како член на По Ортез, па неслучајно Македонецот е еден од првите кои потпишаа договор со овој клуб за новата сезона.

„Задоволен сум што уште во мај си обезбедив ангажман во квалитетен тим каков што е Гравелин. Можам да кажам дека пресудна беше довербата на тренерот, кој ми даде голема слобода во двата месеци што ги минав во клубот. Имавме беспрекорна соработка и очекувам во ист правец да продолжиме и во следната сезона, со уште подобри резултати. Лани тимот се бореше за опстанок, но овојпат управата е поамбициозна, од она што ми беше соопштено ќе биде направен „ремонт“ и на играчки и на стручен план, со смена на помошни и кондициски тренери итн.. така што се надевам на борба за многу повисок пласман отколку во изминатата сезона“, истакна Војдан Стојановски за ЕКИПА.

Нашиот интернационалец одлично се снајде во француското првенство, па иако го пропушти стартот на ланската сезона бидејќи подоцна најде нов клуб, тој експресно се наметна како лидер и во По Ортез и во Гравелин.

„Ми одговара тој стил на игра, со многу трчање и брзи напади. Слична кошарка се игра и во шпанската лига, во која исто така одлично се снајдов, така што Франција е идеална дестинација за мене. Со нетрпение очекувам да почнам со подготовки и да се насочам кон следната сезона“, вели Стојановски, кој уште пред неколку месеци, веднаш по појавувањето на Ковид-19 вирусот, се врати назад во Македонија.

Се вчитува...