Војдан со ново шутерско шоу, По Ортез го растури Орлеан

Војдан Стојановски експресно се наметна како лидер на По Ортез, откако македонскиот репрезентативец беше најзаслужен за уште една победа на својата екипа во францускиот шампионат. По Ортез вечерва лесно и убедливо го совлада тимот на Орлеан (82-60), меч во кој Стојановски со уште една брилијанта игра покажа дека заслужува да остане во овој тим до крајот на сезонава (договорот што го потпиша е со важност од два месеци).

Домашниот состав извонредно го почна натпреварот, ја доби првата четвртина со 22-9, а потоа го заврши полувремето со двојно повеќе поени од гостите (44-22). Потоа, преостанатите 20 минути беа рутина за Стојановски и соиграчите да ја забележат четвртата победа во последните пет кола од француското првенство.

Македонецот имаше свое шутерско шоу, погоди пет тројки од седум обиди и постигна вкупно 20 поени, надополнети со четири скока и три асистенции. Стојановски влегува во топ-форма, што дефинитивно е одлична вест и за нашиот национален тим, на еден месец до стартот на новиот квалификациски циклус.

Се вчитува...