Војдан Стојановски со трансфер во Франција!

Војдан Стојановски ќе ја продолжи кариерата во дресот на Ортез, откако македонскиот репрезентативец ги договори условите за соработка со поранешниот француски шампион. Капитенот на националниот тим најдоцна до крајот на оваа седмица ќе замине за Франција и ќе го стави потписот на договорот, па се очекува наскоро и да дебитира за екипата на Ортез.

Тој беше без ангажман од стартот на сезонава, откако си замина од редовите на германскиот прволигаш Олденбург. Во меѓувреме Стојановски имаше понуда на маса од шампионот МЗТ Скопје, но остана доследен на ставот кариерата да ја продолжи во странство. Во меѓувреме доби понуди и од екипи од Шпанија и од Грција, за денеска конечно да ја донесе одлуката за трансфер во таборот на Ортез.

Станува збор за екипа што слабо ја стартуваше новата сезона во францускиот шампионат, во првите 13 кола забележа само четири победи, а Стојановски сигурно ќе биде од помош во обидот да се тргне во триумфален поход за бегство од долниот дел на табелата.

Се вчитува...