Војдан задоволен: Игравме со голема верба, на површина излезе нашиот квалитет

Капитенот Војдан Стојановски не го крие задоволството по успехот на македонската кошаркарска репрезентација во претквалификациите за Евробаскет 2025.

Со скор од пет победи и еден пораз Македонија го освои првото место во групата кое води во главните квалификации, запечатено со вчерашното одлично издание и триумф во Осло над Норвешка.

„Имаше некоја доза на вознемиреност откако дознавме дека Словачка стигна до драматична победа во Данска, неспорно, но и ништо страшно. Но, искрено, се чини дека тоа беше и дополнителен мотив кај сите нас, дека се е во нашите раце на средбата во Осло. Влеговме во натпреварот како што и посакувавме, многу подобро од онаа средба во Левице, кога му дозволивме на противникот шутерски да се отвори и да ни даде 15 тројки. Норвежаните се познати по добриот шут за три поени, и интенција ни беше да ги спречиме нивните главни шутери. Можеби оваа средба во Осло заличе на онаа од Гевгелија, кога навистина ги исполнивме сите задачи во дефанзивата, каде и посветивме доста поголемо внимание. Добриот почеток беше основа и за добра игра“– анализира Стојановски.

И играњето „под притисок“ не донесе и дополнителни проблеми во реализација на планираното на теренот.

„Она што е извесно е дека оваа екипа покажа карактер. Јасно е дека не беше лесно да се ‘префрлиме’ во Осло по оној пораз во Левице. Но игравме со уште поголема верба во сопствените можности. А како одминуваа минутите на површина излезе и нашиот квалитет. Реално доста поголем од оној кој го имаат Норвежаните. Ниту во еден момент не им дозволивме да се надеваат на некое изненадување, и мирно го привршивме натпреварот во кој ја оправдаме улогата на фаворит“ – дополнува еден од најискусните во ростерот на „црвено-жолтите“.

Се вчитува...