Војна во Баерн: Нагелсман е незадоволен од директорот Салихамиџиќ

Хасан Салихамиџиќ повторно се наоѓа на удар на навивачите на Баерн Минхен по информациите дека директорот на баварскиот гигант влегол во конфликт со тренерот Јулијан Нагелсман, кој е незадоволен од активностите на пазарот и преговорите што ги води Салихамиџиќ.

Поранешниот босански фудбалер своевремено беше во конфликт и со Ханси Флик, по што овој тренер реши да си замине од Баерн, а сега Нагелсман оди по стапките на актуелниот селектор на Германија.

Проблемот настанал при планирањето на тимот за наредната сезона, при што Нагелсман инсистирал на нов дефанзивец во ситуација кога Зиле си заминува како слободен играч по истекот на договорот. На врвот од листата со желби се наоѓаше Нико Шлотербек од Фрајбург, но Салихамиџиќ никогаш не испрати понуда, па овој одличен дефанзивец се пресели кај ривалот Борусија Дортмунд. Ставот на директорот е јасен, Баерн има доволно дефанзивци и без Зиле, а Салихамиџиќ препорачува и прекоманда на Павар од десен бек во централен дефанзивец, особено ако се знае дека од Ајакс за засилување на десната страна на одбраната ќе пристигне Мазрауи.

Средниот ред ќе биде засилен со Гравенберх од Ајакс, засилување што е избор на Салихамиџиќ, додека Нагелсман го бара Лајмер од Лајпциг.

Јасно е дека директорот и тренерот се на различна бранова должина, а останува да се види дали ќе успеат да ги смират страстите или војната ќе продолжи и ќе кулминира со заминување на еден од нив двајца од „Алијанц Арена“.

Се вчитува...