Војната меѓу Лионел Меси и Барселона уште повеќе се вжешти откако аргентинскиот фудбалер го известил клубот дека нема намера да се појави на утрешниот прв ден од подготовките.
Сите „ѕвезди“ на Барса утре треба да се појават во тренинг-комплексот, за по деталните прегледи и тестирањето на Covid-19 да му се стават на располагање на тренерот Роналд Куман. Сите погледи требаше да бидат свртени кон Меси, Аргентинецот најпрвин најавил дека ќе се појави од првиот ден на подготовки, но денеска ги известил клупските челници дека ќе го одложи своето враќање во Каталонија.
Ова е очигледен притисок во војната во обид да се издејствува трансфер и заминување од „Камп Ноу“, па сега на потег се челниците на Барселона, најпрвин да решат дали и како да го казнат најдобриот фудбалер за непрофесионалниот однос, а потоа и да заземат став околу неговата иднина во клубот. Засега, претседателот Бартомеу тврди дека нема намера да го продаде аргентинскиот генијалец, па доколку Меси сака да си замине неговиот нов клуб ќе треба да ја активира клаузулата од огромни 700 милиони евра.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА