„Војната“ во Мадрид му припадна на Сити, голеада во Ливерпул (ВИДЕО)

Манчестер сити одигра 0-0 на гостувањето кај Атлетико Мадрид во реванш натпреварот во четвртфиналето во Лигата на шампионите. Ова реми без голови беше доволно за „граѓаните“ да се пласираат меѓу четирите најдобри во Европа, откако во првиот натпревар одигран минатата недела стигнаа до минимален триумф на домашен терен со 1-0.

Во првото полувреме гостите беа подобар противник, а најголемата шанса не ја искористи Гиндоган кој го погоди дирекот. Како одминуваше натпреварот Атлетико мораше да тргне поофанзивно и во финишот избраниците на Диего Симеоне имаа неколку шанси кои не ги искористија. Судиското продолжение донесе вистински хаос. Фелипе доби втор жолт картон, а нервозата беше евидентна кај сите фудбалери на теренот. Сепак, „граѓаните“ успеаја да се одбранат и да обезбедат промоција во полуфиналето.

Во вториот вечерашен натпревар, по триумфот на првиот дуел во Лисабон минатата недела (1-3), на Ливерпул му беше доволно и ремито (3-3) на домашен терен против Бенфика. Фирмино на два пати и Конате еднаш беа стрелци на головите за „црвените“, додека погодоците за гостите ги постигнаа Рамос, Јаремчук и Нуњез.

Полуфиналните натпревари на програмата се на 26. и 27. април, а реваншите се закажани недела подоцна. Финалниот меч ќе се одигра на 28. мај на „Стад де франс“ во Париз.

 

 

 

 

Се вчитува...