„Војната“ заврши: Црвена Звезда остана на тронот на АБА-лигата

Црвена Звезда ја продолжи доминацијата во АБА-лигата откако славеше над Партизан со резултат 80-77, во мајсторката во финалето од регионалното натпреварување. И оваа мајсторка ја одбележаа огромни тензии на трибините, во третата четвртина дојде до долг прекин во кој целата сала беше испразена, но „црвено-белите“ и без помошта на навивачите успеаја да стигнат до победата, во неизвесен финиш против вечниот ривал.

Големото значење на мечот придонесе двата тима да влезат нервозно во самиот почеток, па по првите пет минути беа постигнати вкупно 12 поени (6-6). Како што одминуваше времето, така кошаркарите влегуваа во ритам во нападот, Црвена Зведа имаше водство во голем дел од четвртината, но Партизан со тројката на Пантер ги заврши првите десет минути со минимално водство од 18-20. Цврстата одбрана им овозможи на „црно-белите“ да стигнат и до убедливи седум поени предност во вториот период (25-32), но Црвена Звезда се разбуди пред крајот на полувремето, се приближи на 33-34 пред Ледеј да погоди тројка и на одмор да се замине со водство на Партизан од 33-37.

Третата четвртина го донесе и хаосот во салата „Пионир“, откако при резултат 39-39 беше досуден очигледен прекршок од Калиниќ врз Лесор, но домашните навивачи бесни што нивниот миленик ја доби четвртата лична грешка почнаа да фрлаат со тврди предмети по теренот, еден од нив ги погоди судиите, по што дојде до долг прекин во кој се инсистираше на целосно празнење на салата. Партизан имаше пет поени предност кога мечот конечно продолжи, но Давидовац ја врати Црвена Звезда во ритам, па во последните десет минути се влезе со минимално водство на „црвено-белите“ од 59-58.

Израмнетата игра продолжи и во четвртата четвртина, во која екипите се менуваа во водство, а Партизан со поените на Пантер (два плус еден) во последните две минути влезе со минимално водство од 72-73. Калиниќ, кој поради проблемите со личните грешки цел меч беше надвор од ритам, погоди тројка во клучен момент и го принуди Жељко Обрадовиќ на тајмаут на 95 секунди до крајот, при водство на „црвено-белите“ од 75-73. Домашните кошаркари делуваа посмирено во клучните моменти, па Волтерс погоди важна тројка за 78-75, резултат при кој Црвена Звезда имаше и напад. Избраниците на Радоњиќ не реализираа, но во пенал-завршница умешно го приведоа мечот до крај и конечните 80-77.

Давидовац со 13 поени беше најефикасен во таборот на Црвена Звезда, 12 постигна Волтерс, а 11 Калиниќ, додека на Партизан не му помогна ниту одличното офанзивно издание на Кевин Пантер, кој постигна 27 поени.

Се вчитува...