„Волчицата“ губи уште еден „син“: И Тоти си оди од Рома

Челниците на Рома се соочуват со уште поголеми проблеми и бес на навивачите откако за кратко време ќе останат без уште еден „син“ на клубот. Капитенот Даниеле де Роси си замина од Рома обелоденувајќи дека воопшто не му бил понуден нов договор за да остане и да си ја заврши кариерата на „Олимпико“, а сега по негови стапки ќе тргне и Франческо Тоти.

Најдобриот играч во клупската историја прифати да стане директор откако ја заврши кариерата. Сепак, во изминатата сезона тој важеше за „безгласна буква“ во управата на римскиот клуб, а откако не беше вклучен ниту во изборот за нов тренер, Тоти јасно ставил до знаење дека не гледа потреба да продолжи со престојот во клубот, за да биде „параван“ на американскитее газди кои самостојно ги носат одлуките.

Италијанскиот ас не се појавил на вчерашниот закажан состанок со менаџинг-директорот Гвидо Фиенга, на кого телефонски му ја соопштил одлуката за напуштање на функцијата. Тоти во следните денови и писмено ќе ја врачи својата оставка, по што ќе замине на одмор со семејството во Грција.

Се вчитува...