„Волчицата“ на преговори во Париз, темата е Хесе

Дека Хесе не е среќен во ПСЖ по очајната минутажа што ја добива кај Унаи Емери не е ништо ново, а пред десетина дена се најавуваше дека еск-фудбалерот на Реал Мадрид ќе се врати во татковината и ќе заигра за Лас Палмас. Сепак, шпанскиот прволигаш ни одблизу не можеше да ги задоволи финансиските барања на крилниот офанзивец, па сега во преден план излегува италијанскиот прволигаш Рома.

Претставници на „волчицата“ за новогодишните празници отпатувале за Париз, каде воделе разговори со челниците на ПСЖ, испраќајќи и конкретна понуда за Хесе. Имено, Рома е подготвена да плати три милиони евра за шестмесечна позајмица, а потоа и да се обврзе во јули целосно да го откупи договорот на Шпанецот за дополнителни 22 милиони евра.

Рома во јануари ќе биде без помошта на Салах, кој ќе настапува за Египет на Купот на Африкански Нации, па токму затоа тренерот Спалети инсистира што поскоро да му биде доведен нов крилен офанзивец кој би го помагал Џеко во навалната линија на „волчицата“.

Се вчитува...