Вонредно собрание на ФФМ на 1. декември, избор на претседател до 19. јануари!?

Вонредното Собрание на Фудбалската федерација на Македонија на кое треба да се пристапи кон промена на Статутот на ФФМ најверојатно ќе се одржи на 1. декември.

Како што е познато, ФФМ претходно одложи едно Собрание закажано за 1. септември, поради притисокот да бидат овозможени статутарни промени за прифаќање на кандидатурите за нов претседател на федерацијата и на лице кои не се актуелни делегати во Собранието на ФФМ. Откако претходно Комисијата за избор и именување не ги прифати кандидатурите на Влатко Костов, Хари Хаџи-Ристески и Вујадин Станојковиќ, Управниот одбор на ФФМ одлучи да се пристапи кон промена на Статутот. Па, во моментов веќе активно се подготвува новото Собрание кое, според нашите информации, треба да се одржи на крајот од следниот месец и почетокот на декември, најверојатно на 1. декември.

А, според актуелниот Статут на ФФМ, и членот 93, избор на нов претседател на ФФМ мора да има до 19. јануари 2019, или шест месеци по оставката на Илчо Ѓорѓиоски. Актуелниот в.д претседател Муамед Сејдини, според Статутот, може да раководи со федерацијата до 19. јануари.

Но, дел од фудбалската јавност навестува можност за промена и на овој член од Статутот. Тоа, пак, од друга страна може да доведе до реакција на УЕФА поради инсистирањето на Европската куќа на фудбалот Македонија да не се доведе во ситуација долг период да биде без прв човек на федерацијата.

Според нашите информации, никој од претходните кандидати за прв човек на ФФМ не сака да се откаже од својата кандидатура откако ќе бидат овозможени, со промена на Статутот, соодветни услови за тоа. Согласно расположението, Влатко Костов, пак, е единствен кој во моментов ужива најотворена поддршка од фудбалската јавност поради сопственото минато педигре и досегашна неинволвираност во минатите фудбалски раководни структури.

Се вчитува...