Враговиќ пред АБА2: Овој тим на Работнички има победнички менталитет

Тимот на Работнички со денешниот дуел против Студентски Центар испишува нови страници во својата историја, со прв настап во АБА2-лигата. Желбата е јасна, атак на врвот и промоција во АБА1 од наредната сезона, причина поради која „центарци“ и летово инвестираа значителни суми во ангажман на квалитетни засилувања.

Последниот кој пристигна во „Градски Парк“ е Хрватот Карло Враговиќ, кој од самиот старт на сезонава се наметна како еден од лидерите на тимот предводен од Димитар Мираковски.

Кога разговарав со тренерот Мираковски и управата, една од причините зошто дојдов во Работнички е амбициозноста на клубот. И јас како играч сум максимално амбициозен, тоа ме привлече да дојдам во клубот. Знаевме за тешкиот распоред на почетокот на сезоната, но тоа ни беше дополнителна мотивација за подобро да се подготвиме за оваа тешка ситуација. Откако дојдов во Скопје во два наврати завршивме во карантин, па фатив коронавирус, меѓутоа тимски одлично се подготвивме за секоја средба, а сигурен сум дека индивидуално допрва ќе се креваме во нагора линија, а и со самото тоа и нашата тимска игра ќе биде уште подобра. Фативме ритам со тренинзи и утакмици, што е многу битно за ситуацијата во која сме сега и се надевам дека така ќе остане, и дека ќе оди само на подобро“, вели Враговиќ за ЕКИПА.

Работнички одлично ја започна сезоната. Три дерби натпревари и три победи, што е одлично за атмосферата во тимот пред претстоечките дуели од регионалното натпреварување.

„По трите победи во македонското првенство дојдовме на Златибор да одиграме по прв пат во историјата на клубот во АБА2 лигата. Атмосферата во составот е одлична, уште од самото мое доаѓање во тимот, како на паркетот, така и надвор од него. Има место за се и тоа е многу битно. Кога работиме на тренинг сме целосно посветени, кога сме слободни се дружиме колку што ситуацијата ни дозволува, што е и многу битно за хемијата на тимот, која некогаш е поважна и од самиот квалитет. Кога го имаш и едното и другото можеш да стигнеш многу далеку, тоа што и ние сакаме да го направиме. Морам да признам дека по седум години надвор, и јас повторно сакам да настапувам во АБА лигата“ – додаде Хрватот.

Нашиот најтрофеен кошаркарски клуб подолг период се нема соочено со толку густ распоред. Во седум дена „црвено-белите“ одиграа три средби, а на претстоечкиот „балон“ тимот на Работнички ќе се сретне со составите на Студентски Центар, Подгорица, Ловеќен и Младост со што следи нов „маратон“ за избраниците на Димитар Мираковски. Мало време за одмор, но и мало време за адекватна подготовка.

„Се подготвуваме за секоја утакмица еднакво, онолку колку што ситуацијата ни дозволува. Секоја екипа има некој квалитет, некого го познавме повеќе, некого помалку ,па не сакам ништо да прогнозирам. Одиме натпревар по натпревар, но сакаме и секоја да ја добиеме. Оваа екипа има победнички менталитет, што најмногу ми се допаѓа“ – вели бекот на тимот од „Градски Парк“

Најголемата опасност на претстоечките натпревари е составот на Студентски Центар кој е составен од доста искусни играчи како Игор Дробњак, Алекса Поповиќ, Никола Павличевиќ, Марко Тејиќ, Флечер Мекги, итн… кои зад нив имаат настапи во АБА и добро го познаваат регионалното натпреварување, а тука е и тренерот Ненад Трајковиќ кој зад себе има работа во Партизан, Реал Мадрид, но и Кливленд и Феникс. Составот кој е воедно и „филијала“ на Будуќност одлично ја започна сезоната во Црна Гора со три победи во исто толку натпревари, и е тим кој игра во брз ритам и доста шута за три поени.

„Секоја екипа ќе ја почитуваме, но на никој не признаваме дека е подобар од нас. Овие се први натпревари и сигурно ќе треба подобро да се запознаеме со квалитетите и недостатоците на другите екипи. Отвараме против перспективната екипа на Студентски Центар, ќе ги анализираме, ќе се припремиме и ќе дадеме се од себе за тој натпревар да го добиеме. Ќе играме на два дена и ќе биде многу тешко, но тоа е тоа за што се тренира и мислам дека ќе успееме да се справиме. Победничкиот менталитет е главната одлика на нашиот тим“ – додаде еден од најискусните играчи на тимот.

 

Се вчитува...