Враќање на ЛШ со мега-дуел: Што може Мбапе „сам“ на „Олд трафорд“?

Два месеци по последниот натпревар од групната фаза, вечерва продолжуваат возбудувањата од Лигата на шампионите, и тоа со мега-пресметката меѓу Манчестер Јунајтед и ПСЖ. Без дилеми, по извлекувањето на двојките за осминафиналето „светците“ од Париз важеа за супер-фаворити против „ѓаволите“ од Манчестер, но ситуацијата во овие два месеци целосно се промени.

За Манчестер работите тргнаа одлично со доаѓањето на Оле Гунар Солскјер, кој се уште не знае за пораз на клупата на овој клуб. На спротивната страна, ПСЖ во изминатите дваесетина дена се соочи со неочекувани проблеми, откако тренерот Тухел остана без помошта на најмалку тројца стандардни првотимци, од кои двајца асови задолжени за голови, Нејмар и Кавани, заедно со десниот бек Муние.

„Не треба да зборуваме за оние кои не се тука, туку за оние кои ќе играат. Знаеме дека нема да ни биде лесно, но веруваме во себе и очекувам да оствариме добар резултат. Најважно од се е да постигнеме гол, способни сме за такво нешто и без Нејмар и Кавани“ – изјави германскиот ас Џулијан Дракслер.

А во една таква ситуација, притисокот дефинитивно паѓа врз Килијан Мбапе, најмладата ѕвезда во напаѓачкото супер-трио на ПСЖ. Тој функционираше беспрекорно со Нејмар и со Кавани, но овојпат ситуацијата ќе биде поинаква, без нивна помош, најверојатно со поддршка од Ди Марија и Дракслер, младиот Французин ќе треба да блесне на теренот на „Театарот на соништата“.

Дали има квалитет и потенцијал да го стори тоа – апсолутно! Сепак, јасно е, за успех против Јунајтед со Де Хеа на голот на младиот ас ќе му биде неопходна и помош од соиграчите.

Се вчитува...