ВРАЌАЊЕ НА „ОТПИШАНИТЕ“…. Варшава, за нова страница на македонскиот фудбал!

ЕКИПА во Варшава,

Владимир Булатовиќ

Македонија никогаш во својата фудбалска историја не запишала гостинска победа против репрезентација од самиот европски врв, од рангот на Полска, на пример… A, зад себе имаме точно 26 години фудбалска независност откако на денешен ден во 1993 година во Крањ го одигравме првиот свој натпревар и славевме со 1-4. Време ли е Варшава да ја запишеме како нова страница на македонскиот репрезентативен фудбал!?

Да бидеме искрени, по оној јунски репрезентативен собир и двата домашни порази од Полска и од Австрија, многумина, па и јас, ја отпишаа репрезентацијата од можноста преку регуларните квалификации да си обезбеди место на ЕП 2020. Затоа што претходното долгогодишно искуство од „репрезентативните терени“ не научило дека фудбалските приказни ни се главно слични… Арно ама, овие отпишаните не биле исти… Во само три меча отпишаните си се вратија… Па, еве ја Македонија сега во Варшава со можност за историја! Не дека Европското првенство ни се насмевнува, затоа што враќањето нема да биде комплетно ако не се стигне до позитивен резултат и од Полска, но оваа генерација, во секој случај, веќе потврди дека има и храброст и срце да се впушти во коштец со предизвикот наречен победа – секаде и против секого!

„Не е важно против кого играме, туку за што играме… Може буквално се да ни оспорат, но никој, па ни Полска не може да ни ја украде желбата, борбата и срцето за успех. Така ќе биде и тука во Варшава“ – ќе рече македонскиот селектор Игор Ангеловски во пресрет на клучниот за нас натпревар во овие квалификации.

Со начинот на кој репрезентативците му пристапија и го одиграа дуелот против Словенија во Скопје, јасно потврдија дека самодовербата ќе биде на исклучително високо ниво и во Полска како начин за убедување и на последните „скептици“ во квалитетите на оваа генерација…

„Многумина уште не веруваат во нас… Можеби сите ние, па и медиумите, некако не сме научени да се носиме со фактот дека ние, всушност, се бориме за пласман на Европско првенство. Како уште некои да не се свесни дека во самиот финиш од квалификациите ние сме во трка за водечките позиции на табелата и во игра за ЕП, нешто кое не било никогаш досега во историјата“ – вели и членот на Спортинг Лисабон, Стефан Ристовски.

Сето тоа како заокружување на приказната дека можеби и навистина оваа македонска репрезентација е подготвена за големи нешта! Триумф, на пример, вечерва на Националниот стадион во Варшава пред 60.000 „зовриени“ Полјаци би било големо нешто. Е, тоа би било навистина големо нешто!

Се вчитува...