Враќање низ минатото: Сите досегашни фајналфор турнири во Келн…

ЕКИПА во Келн,

Стеван Цаневски, Игор Паневски

ЕХФ го воведе фајналфор турнирот како завршница од Лигата на шампионите од сезоната 2009/2010, потег што се покажа како вистински погодок, бидејќи во голема мера придонесе за популаризација на ракометниот спорт ширум Европа. „Ланксес Арена“ во Келн е местото кое е центар на ракометна Европа веќе осма година во низа, овојпат со специјално внимание на македонската јавност, поради присуството на Вардар на овој завршен турнир. Пред самиот почеток на овој Ф4 турнир, еве мало навраќање на битките за тронот на Европа што се водеа во Келн во претходните седум години.

2009/2010    КИЛ

Германскиот гигант Кил ја искористи предноста на домашниот терен и триумфираше на првиот фајнафор турнир во Лигата на шампионите. „Зебрите“ во полуфиналето славеа над Сиудад Реал со 29-27 (за Сиудад настапи Арпад Штербик и сегашниот помошен тренер на Вардар, Давид Дејвис), додека во втората полуфинална пресметка Барселона лесно го совлада тимот на Чеховски медведи со 34-27, меч на кој Тимур Дибиров постигна пет гола за рускиот првак.

Во големото финале Кил и покрај 20-те примени гола во првото полувреме (17-20), на крајот сепак успеа да го совлада каталонскиот гигант со 36-34. Филип Јиха со 11 гола беше најефикасен кај победничкиот тим, додека прв стрелец на финалето беше членот на Барселона, Гарсија, со 13 погодоци.

2010/2011    БАРСЕЛОНА

barsa titula 20102011

Каталонскиот гигант најпрвин му се одмазди на Кил за поразот во ланското финале елиминирајќи ги „зебрите“ уште во четвртфиналето. На Ф4 во Келн се пласираа по две шпански и германски екипи, при што Шпанците ги добија двете полуфинални пресметки. Барса славеше над Некар Левен со 30-28, додека Сиудад Реал го совлада Хамбург со 28-23, меч на кој нашиот Кире Лазаров пет пати се запиша меѓу стрелците.

Шпанското финале заврши со триумф на Барселона од 27-24, главен играч беше данскиот пивот Нодезбо со осум погодоци, додека на спротивната страна Лазаров заедно со Јуркиевич беше најдобар стрелец на Сиудад Реал со по пет гола.

2011/2012    КИЛ

И повторно бранителот на трофејот не се пласираше на Ф4 турнирот, откако Барса беше елиминирана од тогашниот дрим-тим на Копенхаген уште во четвртфиналето. Кил во драматичното германско полуфинале го совлада Фуксе Берлин со 25-24, додека Атлетико Мадрид предводен од извонредниот Кире Лазаров го совлада Копенхаген со 25-23, меч на кој македонскиот ас постигна дури единаесет погодоци.

Во финалето пресуди одличната одбрана на Кил, па „зебрите“ славеа над Атлетико со 26-21, дуел на кој Лазаров пет пати се запиша меѓу стрелците. Најефикасни кај новиот европски првак беа Ким Андерсон со седум и Филип Јиха со шест гола.

2012/2013    ХАМБУРГ

Ракометарите на Хамбург приредија вистинска сензација искачувајќи се на врвот на ракометна Европа со победите над Кил и Барселона. Тие делуваа особено моќно во полуфиналето со Кил, демолирајќи го европскиот првак со 39-33, додека Барса во второто полуфинале го совлада Кјелце со 28-23.

Каталонците важеа за фаворити во финалето, но Хамбург изненади и во драматична завршница славеше со 30-29. Краус и Линдберг со по шест гола беа најефикаксни кај победничкиот тим, додека Рутенка постигна осум погодоци за Барселона.

2013/2014    ФЛЕНСБУРГ

flensburg slavi titula

Ако триумфот на Хамбург беше изненадување, тогаш титулата на Фленсбург оправдано беше опишана како сензација. Тимот на Љубомир Врањеш најпрвин се врати од „мртвите“ во полуфиналето со Барса, надополнувајќи негатива од пет гола во последните десетина минути, за по подобро изведување на пенали да слави со 41-39. Во финалето Фленсбург се сретна со Кил, повторно имаше негатива до самиот финиш, но уште еднаш оваа екипа покажа карактер, направи пресврт во завршницата и на крајот заслужено триумфираше со 30-28.

Егерт и Сван со по седум гола беа најефикасни кај новиот европски првак, додека Арон Палмарсон со шест погодоци беше прв стрелец на Кил.

2014/2015    БАРСЕЛОНА

По неколку години пауза, Барса повторно се искачи на врвот на Европа, воедно и прва титула европски првак за македонскиот капитен Кире Лазаров, кој поради повреда не го даде својот вообичаен придонес во играта на каталонскиот гигант.

Барселона во полуфиналето го совлада тимот на Кјелце со 33-28, додека во втората пресметка Веспрем беше подобар од Кил, триумфирајќи со 31-27. Во големото финале и без помошта на Лазаров каталонскиот гигант предводен од Никола Карабатиќ успеа да триумфира со 28-23. Карабатиќ и Сигурдсон со по шест гола беа најефикасни кај Барса, додека Наѓ постигна осум погодоци и беше единствена светла точка во таборот на Веспрем во ова финале.

2015/2016  КЈЕЛЦЕ

Полскиот гигант за првпат во својата историја се закити со шампионската титула по неверојатното финале против Веспрем. Избраниците на Талант Душебајев во полуфиналето го совладаа дрим-тимот на ПСЖ со 28-26, додека Веспрем исто како и една година претходно во полуфиналето беше подобар од Кил, овојпат со 31-28. Унгарците делуваа сигурно на патот до трофејот, кон средината на второто полувреме имаа огромни „плус девет“, но тогаш почна фуризниот камбек на Кјелце. Гостите најпрвин со гол во самиот финиш се изборија за продолженија, а новиот европски првак беше решен на пенали. Последниот седмерец го реализираше Агинагалде, за огромна радост на полските фанови во „Ланксес арена“.

Се вчитува...