ВРАЌАЊЕ ВО РЕАЛНОСТА… Полска е класа, Европа ќе ја бркаме со „помалите“!

ЕКИПА во Варшава,

Владимир Булатовиќ

Македонските репрезентативци не успеаја да ги исполнат оптимистичките најави за изненадување и во Варшава во квалификациите за ЕП 2020, доживувајќи сосема заслужен пораз од Полска со 2-0 (0-0). Полска е сепак класа, ние се вративме во реалноста, па патот кон ЕП 2020 ќе си го бараме преку финалната разврска од Лигата на нации и мечевите со „помалите“!

Во мечот во кој влеговме со серија проблеми по повредите на стандардните првотимци без кои настапивме, Адеми, Барди, Тричковски, Дарко Велковски…, Македонија издржа нешто повеќе од едно полувреме но доминацијата на Полјаците резултираше со два гола во вториот дел.

По мирниот старт на мечот, првата можност ја имаше Македонија. Николов доби топка од Елмас се обиде при отворен простор со шут од околу 25 метри, но непрецизно. Полјаците се заканија во 10. минута со одличен шут на Криховјак од 18 метри, но сантиметри покрај десниот дирек од голот на Димитриевски.

Во 15. минута првата посериозна шанса на натпреварот. Левандовски одлично проигран од десната страна, со волеј удар од 12 метри прекрасно шутира но за малку покрај голот на македонскиот голман. И веќе во 17. минута нов извонреден напад на домашните, Зјелински оставен сам на 15 метри силно бие но гредата го спасува голот на Македонија.

Во 25. минута соло акција на капитенот Горан Пандев, се проби во домашниот шеснаесетник, се обиде да проигра до Несторовски до Шчесни истрчува не дозволувајќи изненадување.

По мирните следни минути, Гроски во 35. минута се обиде директно од слободен удар од 30 метри, но лесен плен за Димитриевски. Веќе во следната минута и Алиоски одлично шутираше од слободен удар од 30. метри но Шчесни брани.

Во судиското продолжение од првото полувреме, Гросицки го имаше последниот обид за домашните по акциијата по левата страна, но непрецизно за прв дел без голови во Варшава.

Второто полувреме стартуваше со можност на Полска уште во 50. минута, Шумански шутираше од 20 метри, но левиот дирек го спасува голот на Македонија. И Криховјак во 57. минута се обиде со шут од далечина, но непрецизно.

Во 58. минута одличен контранапад на нашата селекција, Елмас и Пандев повлекоа, Алиоски нафрли од левата страна, а Несторовски се обиде ефектно со ножички од десеттина метри но непрецизно. Во 65. минута повторно убава акција на Македонија, но по проигрувањето на Елмас до Несторовски, кој се најде во одлична можност, сепак во офсајд позиција офанзивецот на Удинезе.

Во 73. минута, Милик се најде во одлична можност, се обиде со глава но над голот на Столе Димитриевски. И офанзивата на Полјаците вроди со плод во 74. минута, кога Франковски погоди од непосредна близина откако Левандовски одлично прими една топка покрај Кире Ристевски.

И, надежта за било какво изненадување во Варшава беше срушена во 80. минута кога Аркадиуш Милик одлично шутираше од 20 метри прецизно за водство од 2-0. И тоа беше се до крајот за конечни 2-0.

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2020 (8. КОЛО)
ПОЛСКА – МАКЕДОНИЈА 2-0 (0-0)

Национален стадион во Варшава. Гледачи: 52.894. Главен судија: Антонио Лахоз. Помошници: Рау Дејвис и Паламор (сите од Шпанија). Делегат: Канапјанов (Казахстан). Ж. картони: Беднарек, Шимански (П), Пандев, Николов, Несторовски, Спировски, Алиоски (М). Стрелци: Франковски 74′, Милик 80′ (П)

ПОЛСКА: Шчесни, Река, Беднарек, Горалски, Бережински, Шимански (68′ Милик), Гросицки (73′ Франковски), Глик, Зјелински (90′ Пјонтек), Криховјак, Левандовски
Селектор: Јержи Брзичек

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовски (82′ Радевски), Бејтулаи, Муслиу, Ристевски, Николов (88′ Стоилов), Алиоски, Спировски, Елмас, Пандев, Несторовски (73′ Трајковски)
Селектор: Игор Ангеловски

Се вчитува...