Врањеш: Да воведеме време за напад за ракометот да стане фер-спорт

Селекторот на Словенија, Љубомир Врањеш, не го криеше незадоволството од судискиот критериум во финишот од полуфиналето со Шпанија, откако чешките абритри им дозволија на Шпанците предолго да ја чуваат топката во последните неколку напади.

„Тоа не е причината за нашиот пораз, но би сакал еднаш засекогаш да се донесе правило. Не може судиите сами да решаваат, едниот тим да напаѓа 35 секунди, а другиот 55. На Шпанците им требаа 25 секунди само да ја пренесат топката преку центар, што е недозволиво. Ако сакаме ракометот да биде фер-спорт, треба да се воведе време за напад. Тоа ќе биде најдобро за сите“, истакна Врањеш.

Тој упати критики и а односот на делегатите на натпреварите на овој европски шампионат, кои ја санкционираат секоја реакција на тренерите или играчите од клупата.

Делегатите премногу сериозно си ја сфаќаат функцијата, сакаат да се главни. Ракометот е емотивен спорт, што ако некој стане по гол или по одбрана, зарем треба да добие картон по автоматизам. Со тоа се влијае на расположението на екипите“, вели селекторот на Словенија.

Се вчитува...