Врањеш: Вардар заслужи да оди во Келн, ние потфрливме

Вардар стигна до историски резултат, пласирајќи се за првпат на Ф4 турнирот од Лигата на шампионите во Келн. И во реваншот во „Јане Сандански“, избраниците на Раул Гонзалес беа апсолутно подобар ривал, а тоа го призна и тренерот на германскиот тим, Љубомир Врањеш.

„Честитки за Вардар за многу добриот меч што го одиграа денеска. Мислам дека Вардар ја заслужи победата и во двата натпревари. Тие денеска играа подобро во одбраната и во нападот. Се обидувавме да направиме нешто, но Вардар имаше голем процент на реализација, а ние немавме. Имавме проблем со голманот на Вардар. Ако сакаш да победиш во оваа сала, мора да постигнеш повеќе голови. Имавме проблеми со одбраната. Првото полувреме беше во ред, вториот дел исто така, се обидов да сменам нешто да се приближам до Вардар, игравме 7-6, што ретко го практикуваме, но, не функционираше ништо. За победа во ваков меч треба да ги имате голманите. Ние ги немавме денеска, имавме само три одбрани на целиот натпревар. Тоа не е доволно. Му посакувам на Вардар многу среќа во Келн, а ние ќе се насочиме кон следниот натпревар“, изјави тренерот на Фленсбург, Љубомир Врањеш.

Голманот на гостите, Кевин Мелер, инаку дански репрезентативец, призна дека Вардар беше подобар ривал.

„Вардар покажа добра игра и карактер. Целиот тим беше на едно високо ниво. Атмосферата во салата беше одлична. Заслужена победа на Вардар. Голманите беа клучниот дел. Импресиониран сум од атмосферата во Скопје“, изјави Мелер.

Се вчитува...