Ракометарите на Работник немаа среќа на првите три средби во Лигата на шампионите, губејќи ги трите со по само еден гол разлика. Сепак, охрабрени по големата победа над Веспрем во последниот домашен меч во СЕХА, битолските „фармацевти“ сега влегуваат преполни со самодоверба во дуелот со финскиот првак Кокс, желни ја израдуваат својата публика во салата „Боро Чурлевски“.
Тренерот Алушовски се соочува со проблеми поради отсутвото на тројца значајни ракометари, Маркоски, Јотиќ и Стјепановиќ, но во таборот на македонскиот вицепрвак владее оптимизам дека и со ослабен состав ќе се земе скалпот на Финците.
„Уморни сме и повредени, но спремни за тежок дуел со Кокс. Повредени се Маркоски, Стјепановиќ и Јотиќ и без нив ќе биде исклучително тешко да се игра. Но, тоа не значи дека нема да се обидеме да дојдеме до првата историска победа во Лигата на шампионите. Финците се незгоден противник, го изненадија Татран Прешов пред неколку недели. Кокс е екипата која три години игра заедно и не смееме ниту да ги потцениме, ниту да ги прецениме. Минатата сезона го изненадија Фленсбург и тоа треба да ни биде предупредување. Сезонава играат со големи осцилации, првите два натпревари играа многу слабо, па го победија Татран. Ако не сме максимално сериозни ќе имаме големи проблеми. Не сакам да звучам песимистички, но претпазлив сум и заради заморот, повредите и патувањата“, изјави тренерот Алушовски.
Мечот меѓу Работник и Кокс се игра денеска во Битола со почеток во 17 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА