Време е – Штербик ја брка својата прва Ф4 титула!

ЕКИПА во Келн,

Стеван Цаневски, Игор Паневски

Арпад Штербик има зад себе фантастична кариера, во која шпанскиот голман има освоено три титули европски првак како член на Сиудад Реал. Сепак, сите три трофеи сегашниот чувар на мрежата на „вардарци“ ги освои пред воведувањето на Ф4 турнирот во Келн, па овој фајналфор е уште една можност за него да стигне до големиот пехар, и тоа во дресот на македонскиот шампион.

Искрено, сонував да се вратам и да играм на уште еден фајналфор турнир. Кога дојдов од Барселона во Вардар знаев дека во првата година тоа нема да биде реално, но во изминатиот период работевме напрно, напредувавме како тим и тоа ни овозможи да се најдеме овде во Келн. Во претходните две сезони ни недостигаа по неколку погодоци во клучните моменти против Кјелце и Веспрем, овојпат одговоривме на предизвикот и го елиминиравме Фленсбург. Секоја година Лигата на шампионите е се посилна и посилна, се потешко е да се стигне до Ф4 и затоа овој наш успех е уште поголем“ – истакнува Штербик, кој претходно доаѓаше во Келн како член на Сиудад Реал, Атлетико и Барселона, но не успеа да стигне до својата четврта титула европски првак.

Полуфиналето е уште поголем предизвик ако се знае дека Штербик против себе ќе ја има Барса, тимот каде мина неколку одлични сезони и од каде дојде во редовите на Вардар.

Да бидам искрен, немав никакви желби пред ждребот за полуфиналето бидејќи знам дека сите екипи се многу силни и без оглед со кого ќе играме, ќе ни биде многу тешко. Цела сезона играме добар ракомет и верувам дека ако настапиме на ниво како досега, ќе успееме да оствариме добар резултат. Фајналфор турнирот е специфично натпреварување бидејќи околу тебе се случуваат илјада работи, затоа најважно е да се остане со ладна глава и фокусиран. Тука сме јас, Чупиќ и Канелјас како играчи со повеќе настапи на Ф4 за да им помогнеме на помладите и помалку искусните“ – вели Арпад Штербик.

Се вчитува...