Време е за будење од 30-годишниот сон… Време е за ЕП!

Македонија низ финални чекори за место меѓу најдобрите фудбалски земји во Европа. Како никогаш досега низ својата независна историја македонскиот фудбал е пред портите на „друштвото на најмоќните“ за кое досега немавме билет. Лигата на нациите овозможи простор за надеж, верба и крај на сонот кој го „живееме“ цели 30 години – настап на Европско првенство! И треба, и мора да го искористиме тој слободен простор!

Полуфиналниот бараж од плеј-офот во Лигата на нациите вечерва против селекцијата на Косово на националната арена „Тодор Проески“ е првиот чекор кон соживување со новата реалност. Свесен е секој поединец во националниот тим дека мора да се искористи оваа шанса која ретко се создава, за конечно и малку фудбалска радост во земјата од која потекнуваат Кирил Симоновски – Џина, Благоја Видиниќ, Кирил Дојчиновски, Мето Спасовски, Драган Мутибариќ, Дарко Панчев, Вујадин Станојковиќ, Илија Најдоски, Драган Канатларовски, Артим Шаќири, Петар Милошевски, Гоце Седлоски…, па се до, сега веќе, безвременската икона на македонскиот фудбал Горан Пандев!

„Живеам за овој натпревар. Ги менувам сите мои досегашни клупски трофеи, екипни и индивидуални награди и признанија само за еден настап на Европско првенство со Македонија“ – без размислување ќе рече токму Пандев пред денешниот дуел со Косово, како мотив повеќе и за сите негови помлади соиграчи за кои самиот тој претставува нескриен двигател кон успехот.

Но, за натпревар како овој против Косово и не треба некоја посебна мотивација… За ниту еден поединец во тимот.

„Ако во нешто сум сигурен тоа е дека фудбалерите ќе го дадат максимумот како никогаш досега во своите кариера. Цели 30 години сонуваме за настап на Европско првенство, и сега сме само на чекор од тоа. Токму затоа не треба некоја посебна мотивација кај фудбалерите пред еден ваков натпревар“ – ќе рече и македонскиот селектор, Игор Ангеловски.

Добар дел од актуелните сениорски репрезентативци, меѓу кои Шишковски, Муслиу, Зајков, Велковски, Барди, Елмас, Николов…, веќе добро го знаат вкусот на европски шампионат преку настапот со младата селекција на ЕП во Полска. Сега, низ престојните два натпревари од завршницата на Лигата на нациите, треба само сето тоа убаво да го преточат и на сениорскиот терен. Па, Македонија конечно да се разбуди од 30-годишниот сон!

Се вчитува...