ВРЕМЕ Е ЗА ДЕРБИ…. Меч за есенска пресвртница, или ново „газење“ на Вардар!?

Вардар и Шкендија во втора меѓусебна пресметка сезонава во 10. коло од Првата македонска фудбалска лига во натпревар кој во голема мера може да го одреди финалниот есенски тек на шампионатот.

По одличното отворање на сезоната „вардарци“ дефинитивно посакуваат продолжување на победничката низа со што, во директна пресметка со најголемиот конкурент за трофејот, би се одвоиле на дури 10 бодови предност од Шкендија. Од друга страна, пак, за тетовци ова е можеби последна вистинска шанса есенва да се дојде до посакуваниот приклучок во трката за титулата.

Од канцеларијата на Вардар пред денешниот дуел кој ќе се игра на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари со почеток од 14:30 часот уште еднаш повикаа на фер и коректно навивање од своите навивачи.

„Уште еднаш потсетуваме дека мечот е прогласен од висок ризик, и за него важат специјални безбедносни мерки. На гостинските фанови и симпатизери нема да им биде дозволен влез на трибините на стадионот „Борис Трајковски“. Внесувањето на остри и трврди предмети, како и пиротехнички средства е строго забрането. Трибината на стадионот се отвора во 13:30 часот, а се затвора во 14:20 часот, односно 10 минути пред почетокот на мечот. Затоа апелираме да дојдете во овој термин на стадион, затоа што по затворањето на вратите, нема да биде дозволен влез на трибините. Исто така апел и до службените лица да дојдат порано на стадионот. ФК Вардар напоменува дека при купување на билет, задолжително е покажување на документ за лична идентификација, по принципот еден билет – една влезница. На крај до фановите кои ќе бидат присутни, да се однесуваат во рамките на фер и коректноста на овој меч, да навиваат коректно и спортски, и да му дадат поддршка на Вардар да дојде до нова победа во првенството“ – информираат од ФК Вардар.

Во таборот на Вардар ќе недостасува офанзивецот Тигран Барсегјан, кој оваа есен поради финансиските проблеми во клубот, и онака не настапува континуирано. Додека кај Шкендија, шефот на стручниот штаб Ќатип Османи единствено нема да може да смета на Бесмир Бојку.

ПРВА ЛИГА – 10. КОЛО (денеска, 14:30 ч.)

Скопје: ВАРДАР – ШКЕНДИЈА

Струмица: БЕЛАСИЦА – ПОБЕДА

Тетово: РЕНОВА – РАБОТНИЧКИ

Скопје: ШКУПИ – СИЛЕКС

Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – АК. ПАНДЕВ

Standings provided by Sofascore LiveScore

Се вчитува...