Време е за финале: Што може Норвешка против француските „експерти“?

Франција како апсолутен фаворит влегува во денешната пресметка со Норвешка (17.30 часот) која ќе даде одговор дали „триколорите“ ќе го продолжат своето владеење на ракометните мундијали. Откако во минатата година ја загубија европската круна од Германија и олимписката титула од Данска, на „експертите“ им остана светската титула освоена пред две години во Катар, што сега ќе ја бранат на домашен терен, во преполната арена во Париз.

Пред две години тие исто така имаа дебитант во финалињата за противник. Тогаш по голема битка го совладаа Катар, а вечерва ќе се обидат да го сторат истото и против Норвешка, за која ова е прво ракометно финале на големите натпреварувања.

Знаеме дека нема да биде лесно, а со притисокот што го носи желбата за злато се соочувавме од самиот почеток на овој турнир. Подготвени сме за предизвикот што го носи финалето, верувам дека со помош на навивачите ќе стигнеме до посакуваната победа“ – изјави Квентин Мае.

Норвежаните лани ја совладаа Франција со 29-24 во главната фаза од ЕП во Полска, елиминирајќи ги „триколорите“, кои во тој момент беа актуелни европски шампиони. Овие две селекции се сретнаа и во рамките од групната фаза од овој мундијал, меч во кој Французите имаа тотална контрола и заслужено славеа со 31-28.

Норвешка, која во осминафиналето ја елиминираше селекцијата на Македонија, влегува во ова историско финале по фантастичниот триумф над Хрватска, што им го овозможи голманот Бергеруд со одбранетиот пенал на Хорват во самиот финиш.

Горди сме на постигнатиот успех, ние и по поразот од Франција во групната фаза изјавивме дека ќе се сретнеме пак со домаќините во финалето. Никој не ни веруваше, но тој наш сон сега стана реалност. Нормално дека ќе биде тешко, но ние немаме што да загубиме, ќе играме растоварено. Притисокот ќе биде врз Французите бидејќи ова ќе биде меч во кој тие мора да победат, на нас е да се обидеме да го искористиме тоа“ – истакна Бергеруд.

Се вчитува...