Време е за ново дерби: МЗТ посакува реванш во „Градски парк“

Кошаркарите на Работнички и на МЗТ Скопје денеска (17.30 часот, сала „Градски парк“) ќе ги одмерат силите во второто овосезонско вечно дерби во мак-баскетот. Работнички на првиот натпревар како гостин успеа да слави во Аеродром со 88-90, па „сино-белите“ се надеваат дека денеска ќе успеат да му се реваншираат на големиот ривал.

„Металците“ влегоа во пеколен дел од сезоната во АБА2-лигата, каде по убедливиот пораз од Сутјеска ги загубија сите шанси за второто место на табелата. Сепак, дуелот на жешкиот терен во „Градски парк“ е добра можност за тимот на Ѓорѓи Кочов да покаже дека има карактер и квалитет за да победува на тешки гостувања, во пресрет на полуфиналните пресметки од АБА2 против босанскиот претставник Спарс.

„Без разлика на се, сино-белите се решени да го дадат својот максимум за да му се реваншираат на вечниот противник за поразот во првиот дел од сезоната. Противникот поодморен влегува во натпреварот, но избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов веруваат во сопствениот квалитет и најавуваат борба за секоја топка и за секоја педа од теренот“ – порачуваат од таборот на вицешампионот.

Работнички е единствениот тим што во досегашниот дел од сезоната има само еден претрпен пораз, а победа на денешното дерби ќе значи и зацврстување на лидерската позиција.

„Очекувам неизвесен натпревар, ќе биде густо до самиот финиш како и секое дерби, но се надеваме дека на крајот ние ќе се радуваме на победат. Мала предност е што МЗТ играше против Сутјеска во текот на седмицата, а ние сме одморни, без натпревари и последните две седмици сме фокусирани само на дербито“ – изјави плејмејкерот на Работнички, Бобан Стајиќ.

Се вчитува...