ВРЕМЕ Е ЗА ТИТУЛА…Рекордерот против дебитантот – Вардарки подготвени да го „препливаат“ и Ростов Дон

ЕКИПА во Будимпешта,

Билјана Б.Петрушева, Кристијан Димевски

Дојде моментот што се чека цела сезона. Ракометарките на Вардар во својот рекорден, а во исто време и проштален настап на Ф4 турнирот од Лигата на шампионите во овој состав, се борат за второ европско финале и за првата шампионска титула. Прва пречка на патот на вардарки во денешното полуфинале во „Ласло Пап Арена“ во Будимпешта (18.00 часот) е рускиот шампион Ростов Дон.

Вардар е единствен клуб од големата четворка што настапил на сите пет изданија на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите во женска конкуренција. Од другата страна, наспроти рекордерот е дебитантот на Ф4, Ростов Дон. Желбата пак и на едните и на другите е големото финале и борба за шампионската титула. Македонскиот шампион лани беше на чекор до тронот, но на крај немаше среќа и за еден гол беше покус од Ѓер (31-30). По три „бронзи“ и ланското „сребро“, Вардар сезонава, можеби повеќе од кога и да е, ја посакува титулата во Будимпешта.

Во денешното полуфина против Ростов Дон, Вардар ја има фаворитската улога и искуството на своја страна. Вардарки во Будимпешта се веќе како дома, знаат што ги очекува и подготвени се за предизвикот што е пред нив.

„Се е анализирано, тактиката е готова. Го чекаме овој ден. Сите сме здрави и подготвени, има некои мали повреди, но ништо сериозно, тоа е ракомет. За мене Вардар е подобар на секоја позиција. Но, ова е полуфина на Ф4 во Лигата на шампионите и тука многу е битна психологијата. Вардар има добра тимска игра, тоа е нашата посилна страна. Сезонава имавме некои дорби, некои лоши моменти. Мислам дека тоа го поправивме, па ќе видиме како ќе биде денеска. Но, сигурно, биде интересно. Атмосферата е одлична, овде сме како дома и го чекаме мечот со Ростов“ – најави тренерот на Вардар, Ирина Дибирова.

Ростов Дон е дебитант на Ф4 турнирот, го нема товарот на фаворит и на големите очекувања од овој прв настап во завршницата на ЛШ. Но, во рускиот шампион веруваат дека тоа им дава и одредена предност во денешниот дуел против Вардар.

„Вардар е еден од главните фаворити за титулата, ќе биде многу тешко. Но, ние одигравме добри партии сезонава и тоа ни дава надеж дека можеме да се бориме со нив. Ние сме дебитанти, само четири ракометарки од овој тим на Ростов Дон досега играле на Ф4, за сите други ова е нешто ново. Но, сепак тоа се ракометарки кои освоиле Олимписки игри, имаат искуство на вакви натпревари и верувам дека добро ќе се снајдат и во оваа нова улога и во ова ново искуство. На почетокот на сезоната за сите нас овој фајнал-фор беше многу далеку, но, ете, сега сме овде и некако потајно, ја посакуваме титулата“ – вели искусната Катарина Булатовиќ која во својата колекција има рекордни четири титули во ЛШ три различни клуба (Ѓер, Будуќност и Шлагелсе), а петтата ја посакува годинава со Ростов Дон.

Вардар и Ростов Дон, сезонава, до денешното полуфинале,  се разминуваа во Лигата на шампионите. Македонскиот и рускиот шампион играа меѓусебе само на подготвителниот турнир во Скопје пред стартот на сезоната на кој победи Ростов Дон (33-26).

Дуелот меѓу Вардар и Ростов Дон е втор во денешната полуфинална програма на Ф4 турнирот во Будимпешта кој официјално ќе го отворат актуелниот шампион Ѓер и победникот во ЛШ од 2016 година, ЧСМ Букурешт (15.15 ч.).

Се вчитува...