„Врие“ и во Дортмунд: Дембеле во конфликт со голманот Бурки

Како што се ближи почетокот на новата сезона во Бундес-лигата, се повеќе се влошува атмосферата во таборот на Борусија Дортмунд. Екипата се наоѓа во резултатска криза, играта е далеку од посакуваното ниво, а новиот тренер Бош има проблем и да го наметне својот авторитет и да бара максимална дисциплина од своите фудбалери.

Така, денешниот тренинг го одбележа сериозен инцидент откако Осман Дембеле се обиде физички да се пресмета со голманот Роман Бурки. Младиот Французин беше бесен и мораше да биде запрен најпрвин од Марк Бартра, а потоа и од уште неколку фудбалери на „милионерите“, за да не дојде до уште посериозен инцидент.

Германските медиуми сметаат дека ваквиот однос на Дембеле само покажува дека овој фудбалер сака да си замине од Дортмунд, уште повеќе откако неговото име повторно се поврзува со Барселона, како директен наследник на Нејмар. „Милионерите“ досега не сакаа ни да чујат за продажба нa овој суперталентиран фудбалер, но останува да се види каква ќе биде реакцијата на управата по денешниот инцидент.

Во ситуација кога не се наоѓа купец за Обамејанг, лесно може да се случи Габонецот летово да остане во Дортмунд, но затоа Дембеле да си замине, особено доколку се реализираат најавите за понуда од над 80 милиони евра.

Се вчитува...