„ВРВЕН АС – ЕДЕН ОД НАС“ – Дејан Георгиевски: Мајка ми најмногу се израдува на медалот… Пред финалето на ЛОИ имав време малку да „дремнам“

Во годината кога го прославува својот 10-годишен јубилеј, ЕКИПА со официјална промоција на уште пет нови имиња кои го добиваат веќе востановеното признание „ВРВЕН АС – ЕДЕН ОД НАС“Откако пред пет години ова признание замина во рацете на Горан Пандев, Кирил Лазаров, Дарко Панчев, Шабан Трстена и Перо Антиќ, сега пет нови имиња на десетгодишнината со место меѓу врвните македонски спортски асови. Имиња кои, без сомнение, максимално ја задолжиле Македонија засекогаш останувајќи запишани во аналите на македонскиот спорт. Од оваа година и во „Куќата на Асови на ЕКИПА“.

================================================================================================

ЕКИПА немаше ниту најмала дилема меѓу петте нови имиња во „Куќата на асови“ да биде и првиот роден Македонец кој стигнал до медал на ОИ во независна Македонија, Дејан Георгиевски. Сребреното македонско момче со „златно срце“ летово ја израдува целата земја со тоа што ни донесе медал од најголемата спортска смотра, ЛОИ по пауза од 21 година. Признанието од ЕКИПА.МК му го врачи златниот македонски олимпиец од Лос Анѓелец 1984, Шабан Трстена.

„Мило ми е што сум одбран во вашата екипа за десет години од постоењето на сајтот и што се најдов меѓу такви спорстки македонски величини.

 Уште поголема мотивација ми носи ова признание да продолжам со работата и да ја радувам Македонија и во иднина.Како медиум што не следи уште од самиот старт сигурен сум дека одличната соработка ќе продолжи и во иднина“, го почна нашиот разговор Дејан Георгиевски, веднаш во ист глас дополнувајќи: 

ГОРД СУМ ШТО ОВА ПРИЗНАНИЕ МИ БЕШЕ ВРАЧЕНО ОД ЛЕГЕНДАТА НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ, ШАБАН ТРСТЕНА!

„Уште еднаш ќе повторам голема чест е, но и многу ми е мило што ме ставивте во кош со легенди како што се Горан Пандев, Кирил Лазаров, Перо Антиќ и останатите. Голема чест за мене бидејќи сум се угледувал на тоа дека во Македонија имало добри спортисти што носеле медали во Македонија. Немам зборови со кои можам да објаснам како се чувствувам што голем шампион како што е Шабан Трстена изрази желба да ми ја врачи оваа награда“

Нешто повеќе од еден месец по освојувањето на медалот. Дали конечно слегнаа импресиите?

„Се уште не слегнаа импресиите и се уште не сум свесен што точно направивме. Свесни сме до некаде, бидејќи знаеме по што одиме. Но, се уште не сум свесен што тоа се значи и колку голем резултат е сребрениот медал за мене, но и за нашата Македонија. Мислам дека треба да помине уште многу време за навистина да ми стане јасно што всушност направивме сите како тим“.

Што точно правеше Дејан Георгиевски во периодот меѓу полуфиналната и финалната борба? Можеш ли да ни откриеш што точно се случуваше во Токио?

„Во периодот меѓу последната елиминациска борба и финалето имав заспиено. Никој не ми верува, но јас навистина имав една убава дремка пред финалниот меч. Тренерот ме разбуди бидејќи имав поздрав од една личност која што ми е многу важна. Тренерот ме разбуди за да помуабетиме со неа. Навистина е чудно како успеав да заспијам при една таква еуфорија пред финалето. Искрено бев исклучен од целиот свет. Телефонот го користев само за да се чујам со моите по полуфиналето. Го земав само за да слушам музика и додека слушав успеав да заспијам. Не размислував ништо посебно бидејќи знаев дека е борба како и сите други. Таму бев отиден да ги победам сите и затоа немаше некое посебно размислување за финалната борба туку исто како и секоја друга претходно. Исто ми беше дали со Русинот ќе се борам прва или последна борба. Се ми беше рамно. Само знаев дека поддршката од целиот македонски народ е голема бидејќи од делегацијата ми раскажуваа што точно се случува во Македонија“. 

Кој се израдува најмногу на освојувањето на медалот?

„Искрено не знам, но мислам дека мајка ми беше најрадосна за освојувањето на сребрениот медал. Во соба во Токио стигнавме во 2.30 по полноќ и не можев да се чујам со никој по освојувањето на медалот. На церемонијата не ни беше дозволено да ги носиме телефоните. Јас му го дадов телефонот на докторот. Тој веднаш замина во олимпиското село, а ние останавме потоа допинг протоколи и дури вечерта во 2.30 по полноќ првпат стигнав до телефонот. Затоа не ги знаев првите впечатоци од најблиските, но по тоа што ми го раскажаа подоцна кога се слушнавме мислам дека мајка ми од сите беше најсреќна за мене“.

Дали се шегуваш со останатите колеги од тимот и како ја гледаат Македонија во светското таеквондо сега?

„Не се шегувам нешто премногу со нив нормално, но знам некогаш малку на шега да и споменам оди тренирај немој да ме срамиш. Сепак, одлични се и они Филип освои второ место, сестра ми Ана Марија трето и веќе почнаа да собираат поени за следните олимписки игри. Интересен момент е што кога стигнавме во Токио тренерите имаа состанок со претседателот на Светската таеквондо федерција каде што тој му честиташе на Борче Костовски за првата норма која ја добивме. Уште пред да земеме медал тие почнаа да не гледаат на друг начин и многу повеќе да не почитуваат. Сега со медалот сум сигурен дека тоа ќе биде уште повеќе на секаде во светот, но јас искрено се надевам дека и во нашата држава ќе се подигне свеста за таеквондото, бидејќи сите знаат дека имаме шанси во овој спорт за медал и мислам дека на еден начин ќе не почитуваат како што и личи за еден олимписки спорт“. 

Во текот на интервјуто се случи интересен момент еден граѓанин застана и ти се заблагодари за освојувањето на медалот. Колку значи за тебе тоа што луѓето те препознаваат?

„Интересно е што како и ситуацијата сега луѓето ми се заблагодаруваат мене. Тоа е чудно бидејќи место јас на нив да им се заблагодарам на поддршката, тие мене ми се заблагодаруваат со тоа што често викаат „ти благодариме што не направи горди и среќни во вакви тешки моменти“. Таа поддршка ми дава уште поголема мотивација бидејќи знам колку медалот значеше за овој наш народ и затоа ќе работам уште многу повеќе за се повеќе и повеќе да славиме и да се собираме само за убави работи“.

За крај. Кој е најлесниот пат Македонија да има свои преставници во таеквондо и во Париз 2024 година?

„Првите шест што се на олимписката ранг листа ќе се квалификуваат директно за ЛОИ во Париз. Јас во моментов сум седми, но еден или двајца пред мене сигурно до Париз ќе одат во пензија што значи дека најверојатно влегувам во првите шест. Затоа најважно е јас да успеам да го задржам местото и да останам во првите шест. Гранд-при натпреварите ни се најважни бидејќи таму идеме само најдобрите 20 или 30 на ранглистата. Тие турнири покрај Светското првенство носаt најмногу поени. Ќе ми значи да собирам повеќе поени на тие турнири и Светското првенство за да можам во Париз да стигнам директно и да не мора како во Токио во последен момент да гледаме преку квалификации да избориме пласман на ЛОИ.

Се вчитува...