10 ГОДИНИ ЕКИПА – Уште пет нови имиња во „Куќата на Асови на ЕКИПА“: Георгиевски, Наумоски, Кастратовиќ, Ѓорѓиев и Дојчиновски!

10 ГОДИНИ – ЕКИПА! На Денот на независноста на Македонија точно пред десет години стартуваше првиот македонски спортски електронски весник, еден од во тоа време малкуте предвесници на новата дигитализација на целокупниот македонски медиумски простор. Десет години потоа горди што и понатаму, со сите свои доблести и маани, од најстручното „жири“ – читателот, оценети како незаменливи двигатели на позитивните информативни текови!

Во рамките на својот 10-годишен јубилеј, ЕКИПА со официјална промоција на уште пет нови имиња кои го добиваат веќе востановеното признание „ВРВЕН АС – ЕДЕН ОД НАС“. Откако пред пет години ова признание замина во рацете на Горан Пандев, Кирил Лазаров, Дарко Панчев, Шабан Трстена и Перо Антиќ, сега пет нови имиња на десетгодишнината со место меѓу врвните македонски спортски асови. Имиња кои, без сомнение, максимално ја задолжиле Македонија засекогаш останувајќи запишани во аналите на македонскиот спорт. А од денеска и во „Куќата на Асови на ЕКИПА“.

За жал пандемиските времиња го спречија планираното одржување на свечена манифестација на која, прославувајќи го роденденот, пред нашите спортски пријатели и јавност ќе беа доделени признанијата. Но сигурни сме дека истите заминуваат во вистински раце, доделени исклучиво согласно спортското минато и успехот единствено на спортското борилиште.

==================================================================================

ДЕЈАН ГЕОРГИЕВСКИ (таеквондо)

Дејан Георгиевски е новиот македонски спортски херој. 22-годишниот таеквондист е момчето кое ја израдува Македонија во 2021 година остварувајќи го најголемиот успех во историјата на македонскиот спорт со освоениот сребрен медал на Летните олимписки игри во Токио. Сето тоа веројатно и само како најава за блескава идна кариера на Георгиевски пред кого се уште многу предизвици и веруваме успеси кои дополнително ќе го издигнат на картата на најблескавите македонски спортски имиња во историјата.

ИНДИРА КАСТРАТОВИЌ (ракомет)

Убедливо најдобрата македонска ракометарка и еден од најдобрите десни бекови на Стариот континент во историјата. Најзаслужната за прогресот на македонскиот женски ракомет како предводник на репрезентацијата која во 1997 година дојде до седмото место на Светското првенство во Германија. Прогласена и за најдобар стрелец на шампионатот со 71 постигнат гол. Освојувач на европската шампионска титула со Кометал Ѓорче Петров во 2002 година, најголемиот успех во историјата на македонскиот женски спорт. Како тренер на ЖРК Вардар освојувач на третото место во Европа во Лигата на шампионите во 2014 година.

ПЕТАР НАУМОСКИ (кошарка)

Едно од неколкуте најголеми имиња во историјата на македонската кошарка. Предводник на репрезентацијата која во 1999 година го обезбеди првото учество на Македонија на Европско првенство. Двократен освојувач на кошаркарската Евролига, освојувач на Купот на Радивоје Кораќ со Ефес Пилсен, двократен освојувач на ФИБА Сапорта купот и МВП на Сапорта купот во 2002 година со Монтепаски Сиена. Четирикратен шампион на Турција со Ефес Пилес, освојувач на Купот на Италија со Бенетон Тревизо во 1995 година.

НИКОЛА ЃОРГИЕВ (одбојка)

Најдобриот македонски одбојкар во историјата на независниот македонски спорт. Лидерот на првата македонска генерација одбојкари која обезбеди настап на Европско првенство 2019 година. Освојувач на сребрениот медал со Македонија во Европската одбојкарска лига во 2015 и во 2016 година, шампион на Франција со Париз волеј, двократен шампион на Србија со Раднички Крагујевац, двократен шампион на Јапонија со Торај. Личност која, без сомнение, и тоа како се издвојува по својот уникат и на спортскиот терен и надвор од него.

КИРИЛ ДОЈЧИНОВСКИ (фудбал)

Една од најголемите македонски фудбалски легенди Кирил Дојчиновски, е првиот Македонец кој бил дел од Светските првенства. На Мундијалот во 1974 година во Западна Германија, Дојчиновски тогаш како фудбалер на белградска Црвена Звезда остана забележан како првиот македонскиот фудбалер повикан во екс-југословенскиот состав. Поранешниот фудбалер на Вардар, а подоцна и на француските Тројс и ФЦ Париз, во периодот од 1970 до 1974 година беше стандарден член на селекцијата на Миљан Миљаниќ. Четирикратен шампион на Југославија со Црвена Звезда, освојувач на Митропа купот, полуфиналист во Купот на европските шампиони со Црвена Звезда во сезоната 1970/71 и четвртфиналист во сезоната 1973/74. Како тренер двократен шампион на Ел Салвадор со Луис Фирпо, и селектор на репрезентацијата на Ел Салвадор.

==================================================================================

БЛАГОЈА ГЕОРГИЕВСКИ – БУШТУР – Постхумно признание за безрезервен придонес за развојот на спортот

ЕКИПА, за својот десетгодишен јубилеј, ќе додели и постхумно признание за една од најголемите кошаркарски легенди, Благоја Георгиевски – Буштур. Личноста која на почетокот од минатата година трагично го загуби својот живот, засекогаш ќе остане запишана со златни букви во историјата на македонската кошарка. Легендата на КК Работнички кој целата своја кариера од 1967 до 1984 година беше нераскинлив дел од клубот, е освојувач и на сребрениот медал со репрезентацијата на поранешна СФРЈ од ЛОИ 1976 во Монтреал. Претходно во 1971 година се закити и со европската вицешампионска титула со Југославија. Георгиевски беше и долгогодишен член на Управниот одбор и на Собранието на МОК, претседател на Олимпискиот совет при МОК, потпретседател на МОК. Носител на македонското знаме на Олимписките игри во Атина 2004, претседател на стручниот совет на МКФ и амбасадор на Специјалните олимписки игри.

ЕКИПА, до крајот на годината во која го одбележува својот десетгодишен јубилеј, ќе додели признанија за посебен придонес за развојот на спортот и на уште десет истакнати домашни спортски работници, стопанственици и спортисти кои се нераскинлива алка од позитивните вредности на македонскиот спорт.

Се вчитува...

buy windows 11 pro test ediyorum