ВТОРА ЛИГА ИСТОК: Борец подобар од Брегалница, Тиквеш го совлада Кит Го

Фудбалерите на Борец продолжуваат во победнички ритам во Втората лига Исток. Во рамките на 13.коло, Борец на домашен терен ја совлада Брегалница со 3-2 и се зацврсти на првата позиција на табелата со 34 бода. Кристијан Николовски и Тони Мирчевски пред крајот на првиот дел обезбедија водство од 2-0 за велешкиот второлигаш, Кристијан Велиновски намали во 52.минута, но Роберт Коцев осум минути подоцна постигна трет погодок за Борец и ги разреши дилемите, иако ветеранот Ристе Наумов во 87.минута постигна втор гол и за штипјани.

Тиквеш го следи лидерот Борец, иако има негатива од шест бода на второто место. Кавадарчани славеа минимално со 1-0 пред домашната публика против Кит Го. Методија Делов во 65.минута беше стрелец на победничкиот погодок за Тиквеш на овој дуел.

Лазар Пеев му донесе минимален триумф (0-1) на Кожуф на гости против Партизан Обршани. На мечот Каменица Саса – Плачковица немаше голови. Детонит го доби дуелот со Вардар Неготино со 3-1.

Се вчитува...