ВТОРА ЛИГА – ИСТОК: Борец со пресврт го доби дербито со Кит Го

Велешки Борец ја продолжува доминацијата во Втората лига – Исток славејќи со 2-1 против Кит Го од Пехчево во дерби пресметката од 17. коло.

Велешани до победата дојдоа со пресврт откако Кит Го поведе преку Мартин Стојанов во 17. минута. Во вториот дел Борец израмни преку Ѓорѓи Ѓорѓиев во 70. минута, а Симеон Христов во 89. минута ја донесе победата.

Тиквеш стигна до лесна победа од 0-2 на гостувањето против Партизан Обршани. Марјан Ристовски погоди од пенал уште во 14. минута за водство од 0-1, а конечните 0-2 ги постави капитенот Ѓорѓи Мојсов во 53. минута од средбата.

Брегалница убедливо славеше со 0-6 на гостувањето против Плачковица. Јован Манев, Ристе Наумов, Дарко Стојанов и Кристијан Велиновски погодија за штипјани уште во првото полувреме. Дарко Размоски во 65. минута зголеми на 0-5, а конечните 0-6 ги постави Стојанов во 83. минута со својот втор гол.

Кожуф дојде до триумф против Вардар Неготино со 1-0, и повторно творец на победа на гевгеличани беше Цветан Чурлинов со погодокот во 25. минута од натпреварот.

Детонит јуниор дојде до победата од 0-2 на гостински терен против Каменица Саса благодарение на головите на Ѓорге Глигоров во 65. минута и Андреј Симевски во 90. минута.

РЕЗУЛТАТИ – 17. КОЛО

Борец – Кит Го 2-1

Партизан Обршани – Тиквеш 0-2

Плачковица – Брегалница 0-6

Кожуф – Вардар Неготино 1-0

Каменица Саса – Детонит јуниор 0-2

Се вчитува...