ВТОРА ЛИГА – ЗАПАД: Македонија ЃП се враќа во Првата лига!

Македонија ЃП повторно се враќа во Првата лига на Македонија откако на едно коло пред крајот од натпреварувањето во Втората лига – Запад има пет бода предност на врвот од табелата со што обезбеди директен пласман во елитата. „Лавовите“ денеска во 26. коло славеа убедлива победа од 4-0 против Еуромилк ГЛ, а им одговораше и меѓусебното реми на директните конкуренти, Велазерими и Гостивар (2-2).

До денешниот триумф од 4-0 кој ги однесе во Првата лига од следната сезона, „лавовите“ стигнаа со погодоците на Кристијан Костовски и Боби Божиновски во првото полувреме, и Иван Настевски и Мартин Христов во вториот дел.

Гостивар ја пропушти можноста во последното коло да се надева за борба за првото место, откако ремизираше (2-2) во дербито на гостувањето против Велазерими.

Велазерими поведе со голот на Адили во првиот дел. Во второто полувреме гостиварци стигнаа до пресврт со головите на Османи во 64. минута и Адеми во 80. минута. Но, радоста на Гостивар ја скрати Леонард Калаба со голот во 92. минута за конечни 2-2.

Па, во последното коло следната недела Гостивар против Македонија ЃП, а Велазерими на гостувањето против Тетекс ќе одлучат кој од нив ќе стигне до второто место и бараж за Прва лига.

РЕЗУЛТАТИ – 26. КОЛО

Македонија ЃП – Еуромилк ГЛ 4-0

Велазерими – Гостивар 2-2

Лабуништа – Локомотива 2-1

Струга ТЛ – Тетекс 2-3

Новаци – Зајази 1-1

ТАБЕЛА: Македонија ЃП 56 бода, Гостивар 51, Велазерими 50, Струга ТЛ 42, Лабуништа 39, Тетекс 39, Еуромилк 34, Локомотива 26, Зајази 17, Новаци 8 бода.

Се вчитува...