Вујин: Едвај чекам да заиграм пред полна сала за Вардар

 Марко Вујин максимално мотивиран го очекува предизвикот наречен Вардар, откако долгогодишниот ас на Веспрем и на Кил потпиша двогодишен договор со „црвено-црните“. Во разговор за весникот „Спортски Журнал“ тој не крие дека дека со нетрпение очекува да го облече дресот на Вардар, но и да заигра пред полните трибини во СЦ „Јане Сандански“.

„Вардар во последните три години двапати беше европски првак. Искрено се надевам дека ситуацијата со коронавирусот ќе се среди, па ќе заиграме во полна сала. Со Кил двапат гостував во Скопје и се ушт се сеќавам на таа фантастична енергија, како во Веспрем и Кил, каде луѓето живеат за ракометот. Никогаш досега не сум играл на Балканот, па избрав токму тоа да биде последното поглавје во мојата кариера“, изјави Вујин за „Спортски Журнал“.

Тој откри и како течеле разговорите со претседателот Михајло Михајловски, но и дека пред трансферот побарал совет од поранешниот „вардарец“ Игор Карачиќ.

„Неколку пати разговарав со Михајловски, кој ми остави позитивен впечаток, а од играчите кои биле пред мене во Вардар дознав дека е голем вљубеник во ракометот. Неодамна разговарав и со Игор Карачиќ, кој ми кажа само позитивни работи за градот, клубот, салата, условите за работа… Затоа, со позитивни мисли влегувам во оваа приказна“, истакнува Вујин.

Воедно, Србинот порачува дека слабите игри во дресот на Спортинг во вториот дел од ланската сезона не се никаков знак за негов залез на кариерата.

„На Спортинг Лисабон му се приклучив откако сезоната стартуваше, без подготовки, мотивацијата беше сосема поинаква. Беше огромна разлика, по шест години во Веспрем и седум во Кил, во настапи во градови каде се живее за ракомет, во град каде трибините беа речиси празни“, објаснува новото засилување на Вардар.

Се вчитува...