Вујин: Само со беспрекорна партија можеме да очекуваме поволен резултат против Мешков Брест

Вардар в четврток тргнува во нова епизода од серијалот „Лига на шампиони“. Првиот предизвик е белорускиот Mешков Брест кој со големи амбиции повторно влегува во сезоната од елитното натпреварување. Искусниот Марко Вујин во пресрет на гостувањето во Брест смета дека Вардар ги надминува потешкотиите со воиграноста и оти ако биде во најдобро издание ќе може во Скопје да донесе победа.

„Мислам дека одработивме квалитетни подготовки. Ова е една сосема нова екипа. Имавме некои потешкотии со воиграноста, но работите одат на подобро од ден на ден и секако очекувам наша добра партија во Брест. Мешков е сериозна екипа со многу искуство. Во Лигата на шампиони нема лесни противници. Ако одиграме квалитетна средба со добра одбрана и напад и секако со добра полуконтра и контра можеме да се надеваме на добар резултат“ – вели Вујин.

Во авионот на Вардар утре за на пат кон Брест ќе биде и капитенот Стојанче Стоилов кој го победи коронавирусот, а до крајот од денов ќе биде донесена одлука дали со екипата ќе оди и Кристијан Дисингер кој има истегнување на ложата.

Се вчитува...