Вујо го знае рецептот: Вардар не ја дава својата „тврдина“

Ракометарите на Вардар вечерва во 20.45 часот ќе излезат на мегдан со Монпелје во рамките од четвртото коло во Лигата на Шампионите, во обид да ја продолжат серијата на непобедливост од стартот на сезоната, во кој „црвено-црните“ имаат две победи и едно реми.

Во Скопје сезонава веќе капитулираа стариот ривал Мешков Брест, како и актуелниот европски вицепрвак Алборг, а Веселин Вујовиќ очекува „црвено-црните“ со слично издание, но и со огромна поддршка од трибините, да го совладаат и Монпелје.

„Кога имаш цврста одбрана, тогаш немаш проблеми, немаш паника во играта во напад. Ова е првпат да ја имаме улогата на фаворити и не бегаме од неа, но мораме да го почитуваме противникот, Монпелје е тим за кој јас имам високо мислење. Секако, неопходна ќе ни биде и помош од трибините“, изјави Вујовиќ.

Добра вест за „вардарци“ е што македонскиот првак ќе биде комплетен за првпат оваа сезона, што ќе значи и деби на Кудуз во Лигата на Шампионите за уште посилна бековска линија.

На спротивната страна, Монпелје во минатото коло го декласираше Кил со 37-30, за викендов целосно да потфрли во француското првенство, губејќи од Сесон со 25-21.

„Имаме свои шанси против Вардар, но најпрвин да видиме кој тим ќе излезе на терен, дали оној што го совлада Кил или оној што едвај му даде 21 гол на Сесон. Работиме напорно и се надевам на добро издание, Монпелје како и на секој меч, така и во Скопје ќе оди на победа“, истакна стратегот на поранешниот европски првак, Патрис Канаје.

Се вчитува...