Вујо мајсторе: Навивам за Хрватска, Србија и за Македонија

Веселин Вујовиќ со репрезентацијата на Словенија не обезбеди настап на СП 2019 што стартува денеска во Германија и во Данска, но, како што вели, има за кого да навива. Тоа се трите репрезентации од балканските простори со кои е поврзан на различни начини.

„За кого гтреба да навиваме, па тоа се Хрватска, Србија и Македонија. Пред се за нашите репрезентации и да се врати ракометот таму каде што му е местото, а јас мислам дека ние од Југославија секогаш сме играле најдобар ракомет во светот“ – вели Вујовиќ во интервјуто за сараевско „Ослобоѓење“.

Како главни фаворити за шампионската титула на Мундијалот, Вујовиќ ги издвојува Франција, Данска, Германија, Шпанија и Шведска. Осврнувајќи се на шансите на балканските претставници, Вујо истакнува дека Хрватска е меѓу селекциите кои може да се борат за висок пласман, но само ако ги надмине внатрешните блокади.

„Хрватска имаше еуфорични подготовки за ЕП минатата година кога беа домаќини, кога мислеа дека тоа ќе биде врвно достигнување, но се лизнаа. Ако не успеаја да го направат тоа во Хрватска, тешко дека сега може да креваат еуфорија кога се надвор од својата земја. Лично се плашам дека може да постои и доза на нервоза и кај селекторот Лино Червар и кај играчите. Червар со една нога веќе беше излезен од репрезентацијата, па на некој чуден начин сепак остана. Но сега ако нема резултат, тој заминува, што може да ги оптовари и него и играчите. Едно е кога можете да играте и знаете дека селекторот останува тука на подолг период, а друго е кога знаете дека тој заминува за седум или за 15 дена потоа. Тогаш може да се појави тој балкански менталитет, недисциплина или нешто што може да го оптовари врвниот резултат“ – истакнува Веселин Вујовиќ.

Поранешниот тренер на Вардар и извесен период селектор на Македонија, пред почетокот на СП има свое видување и за шансите на македонската репрезентација која на овој Мундијал настапува во значително подмладен состав.

„Кога има подмладување на репрезентациите, никој не може да предвиди каков ќе биде резултатот. Најважно е играчите да се борат во секој натпревар, да даваат се од себе и во такви услови една репрезентација може да загуби, но тешко. Загубени натпревари на таков начин се простуваат“ – вели  Вујовиќ.

Тој истакнува дека репрезентацијата на Македонија се уште најмногу зависи од Кире Лазаров.

„Иако е тешко, ама ако најдат добро решение како замена за Киро Лазаров, тогаш може да одат напред во наредните години. Имаат млади крила, направија неколку млади бекови, само им недостасува тој играч на десен бек. Доколку Киро издржи ова темпо на првенството со голем број натпревари за кратко време, Македонија може да одигра сериозен турнир“ – оценува Веселин Вујовиќ.

Се вчитува...