„Вујо мајсторе“ не најде лек за Рајн Некар

Рајн Некар Левен и Фуксе Берлин се последните четвртфиналисти во ЕХФ Лигата на Европа откако двата германски тима вечерва ја оправдаа фаворитската улога на домашен терен, потврдувајќи го пласманот во следната фаза.

РНЛ против себе го имаше Нексе со Веселин Вујовиќ на клупата, но „Вујо мајсторе“ не успеа нада најде лек за германските „лавови“ кои во квалификациите за ова натпреварување на почетокот од сезонава го елиминираа и Вардар. Рајн Некар имаше водство од 19-24 уште од првиот меч во Нашице, по што денешниот меч беше само рутина во кој германскиот тим славеше со 31-29, изборувајќи се за двомеч во четвртфиналето против Спортинг Лисабон. Колбахер со осум погодоци беше главна фигура во победничкиот тим, додека кај Нексе најефиксни со по седум погодоци беа Безјак и Вејин.

Берлин ја потврди доминацијата во двомечот против Шафхаузен, откако по оние 28-32 во Швајцарија вечерва повторно славеше над истиот ривал, на домашен терен со 34-28. Победникот беше решен во фуриозното прво полувреме што домаќините го добија со 18-11, по што рутински го задржуваа удобното водство до самиот крај. Берлин за ривал во четвртфиналето ќе го има францускиот претставник Нант.

Се вчитува...