„Вујо мајсторе“: Владата да стави во Уставот – Вардар засекогаш да биде спонзориран

Веселин Вујовиќ беше во елемент во емисијата на ТВ Арена, откако испрати јавна порака од македонските власти, да сторат се за да го спасат Вардар од пропаст, откако „црвено-црните“ во фантастична игра го совладаа Веспрем и стигнаа до втората титула европски шампиони.

„Како поранешен тренер на Вардар и човек што секогаш е во контакт со овој клуб, се чувствувам одлично, можам само да замислам како се чувствуваат сите тие луѓе, кои по сите проблеми успеаја да стигнат до титулата. Ова е прекрасна порака до властите во Македонија, Владата во Уставот треба да стави дека Вардар не смее да го снема, дека мора вечно да биде спонзориран. Ако некој клуб е гордост на една држава, на еден регион, треба да се стори се за тој да биде спасен. Се случи нешто најдобро што можеше да му се случи на ракометот, верувам дека се среќни не само Македонците, туку и сите луѓе од поранешна Југославија“ – истакна поранешниот тренер на „црвено-црните“.

Тој даде и кратка анализа за финалето, потенцирајќи дека Веспрем воопшто не се снашол со фаворитската улога.

„Вардар одигра извонредно во првото полувреме, а проблеми имаше само во првите десетина минути кога Штербик влезе во ритам. Сепак, набрзо следеше консолидација, по што македонскиот тим го контролираше резултатот со самиот крај. Сите беа одлични, Карачиќ, кој се опорави на чуден начин, и Криштопанс, кој даде голови кога требаше, сите дадоа свој придонес и му ја донесе победата на Вардар. Не изостана борба, емоции, прекрасни голови, ова беше фантастично финале во кое сите уживаа, а на крајот се радуваа сите оние кои го поддржуваат Вардар. Веспрем можеби очекуваше финале со Барса, па се случи денеска да ја има улогата на фаворит, во која унгарскиот тим не се снајде најдобро“ – анализираше Вујовиќ.

Се вчитува...